Во Собранието денеска продолжи втората фаза од уставните измени во која на седница на Комисијата за уставни прашање тече дискусијата за предложените амандмани.
На почетокот на седницата Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ изрази жалење што продолжува праксата во Собранието истовремено со оваа седница да бидат закажани и други комисии поради што пратениците се оневозможени да присуствуваат на седницата за уставни прашања. Ова, според Мицевски, не е случајно, а и фактот што седницата не се пренесува во живо упатува на тоа дека власта не сака транспарентно да расправа за нацрт-амандманите.
Тој истакна дека ние сме единствена земја која са самоукинува, а предлагачот на амандманите односно Владата, само со еден нацрт амандман сака „Република Македонија“ да ја покрие со менувањето во „Северна“.
– Секоја промена мора да биде прецизно формулирана во амандманите, а не да се прави импровизација – потенцираше Мицевски.
Тој апелираше до пратениците добро да размислат пред да гласаат и порача Република Македонија да ја сочуваме таква каква што сме ја наследиле од нашите предци.
– Република Северна Македонија е нова творевина, а наше е да ја чуваме таква како што ни е оставена во наследство – порача Мицевски кој забележа дека во нацрт амандманите нема ништо за придавката „македонски“.