Мицевски: Нема да ја загрозиме суштинската определба и заслуженото членство во НАТО

252

На почетокот сакам да потсетам дека првата Декларација за влез на државата во НАТО Алијансата е поднесена далечната 1993 година токму од ВМРО-ДПМНЕ и изгласана со консензус од сите политички партии во Собранието во тој период, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на собраниската седница за ратификација на протоколот за НАТО.

– Македонската јавност знае и е добро запознаена дека  Македонија го има заслужено своето членство во НАТО уште во 2008 година. За жал, на самитот во Букурешт иако беше констатирано дека ги има исполнето сите релевантни критериуми, Република Македонија беше блокирана и не доби покана за членство. Како во 2008 година, така и денес, Република Македонија заслужува да биде земја членка на Северноатланската  Алијанса. Оваа стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ е дел и од Статутот на партијата каде што во членот 8, во Цели и Задачи стои дека партијата ќе се залага за вклучување на државата во Европската Унија и во НАТО – рече Мицевски.

Тој додаде дека втората причина зошто ВМРО-ДПМНЕ иницираше предвремена ратификација на протоколот за членство во НАТО е за да се избегнат било какви изговори од страна на владејачкото мнозинство за одложување на веќе закажаните и договорени  предвремени избори на 12 Април оваа година.

– ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да го загрози политичкиот договор за предвремени избори на 12 април со тоа што на некому ќе му даде изговор дека протоколот за членство во НАТО не е усвоен. ВМРО-ДПМНЕ сериозно укажуваше дека можно е заради политичките констелации во Шпанија да дојде до закаснување на ратификацијата на протоколот за членство на земјава во НАТО од оваа држава, заради нивни внатрешни прилики, затоа и во нашиот предлог напоменавме дека предвременото ратификување на протоколот за членство во НАТО е можно и е веќе применето во самата Северноатланската Алијанса за време на зачленувањето на Црна Гора – рече Мицевски.

Тој додаде дека сакам да нагласи пред медиумската јавност и пред граѓаните на Македонија како и пред претставниците на СДСМ кои оркестрирано се обидувале да ги обвинат дека како партија не се за НАТО поради наметнатата додавка во уставното име.

– Сигурен сум дека сите сте заинтересирани како ние би гласале за протокол во кој што пишува дека во НАТО се зачленува државата со новото име, а не Република Македонија. Почитувани присутни ние сме политичка партија која што ги следи принципите на легалност и реалност која што може да ја критикуваме и имаме право да ја оспоруваме но во никој случај немаме намера како партија да ја загрозиме суштинската определба и заслуженото членство во НАТО кое што земјава го чека полни 12 години.

Затоа, членството во НАТО е уште една можност повеќе за државата да се слушне во Северноатланската Алијанса, за Македонија да се проговори во Северноатланската Алијанса и на лице место со самите сојузници во НАТО, ние на увид да го претставиме и да го покажеме нашиот придонес кој што земјава до сега го давала во мисиите во НАТО и кога не била земја членка и од моментот кога формално правно ќе станеме земја членка на Алијансата – вели Мицевски.

Тој потсети дека токму за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, поточно во 2008 година, државата потпиша договор за стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави, највлијателна членка на НАТО, како и со Република Турција, влијателна земја членка на НАТО од регионот и сметаме дека ваквите договори, ваквите потези, вклучително и потегот на предвремената ратификација на протоколот за членство на Македонија во НАТО покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ останува во континуитет принципиелна на надворешно политичките приоритетите на државата, а еден од нив е и полноправното членство во НАТО.

– Деновиве наназад има обиди на манипулации со граѓаните за противењето од страна на ВМРО-ДПМНЕ за смена на името на Армијата на Република Македонија. Почитувани граѓани и медиуми,  сите битни стратешки закони од областа на безбедноста и од областа на одбраната во кои што ВМРО-ДПМНЕ сериозно беше консултирано  за изготвување на заеднички текст поминаа со двотретинско мнозинство и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.

Очигледно е дека во предлог Законот за Армијата, Владата се обидува да прави опструкции истиот да не помине за да може пред јавноста да шири една лажна перцепција дека некој во оваа држава е за НАТО, а некој е против, дека некој е за безбедна држава, а дека некој е против тоа. Тоа е само лажна предизборна реторика. ВМРО-ДПМНЕ било и останува на својот принцип за членство во НАТО кое што државата и македонските граѓани го имаат заслужено од 2008 година – рече тој.

Според Мицевски, она што дополнително треба да се знае, а власта свесно го премолчува е  дека во самиот договор со Грција, кој што секој има право да го критикува, пишува дека називите на одредени институции, установи, органи, или документи кои што се претежно за внатрешна употреба во државата ќе треба да почнат да се менуваат откако ќе почнат преговорите на Македонија со Европската Унија во таа област односно со секое ново отворено поглавје.

– За жал, оваа Влада неколку пати досега излажа дека сме добиле датум за преговори со Европската Унија,  а уште помалку преговараме со Европската Унија  за областа наречена безбедност, армија и се друго што оди на тој план. Затоа сметаме дека во овој момент не треба да се политизира ова прашање за Законот за Армијата, а името на Армијата може да биде еден дел од достоинството кое што припадниците на Армијата го заслужиле од земја која што ќе биде полноправна членка на НАТО Алијансата.

Полноправното членство во НАТО е остварување на една од стратешките цели на Македонија. Безбедноста и сигурноста на граѓаните и државата секогаш биле приоритет за ВМРО-ДПМНЕ и како одговорна партија која што прва си ја поставила оваа стратешка цел имаме одговорност пред граѓаните да ја исполниме, иако денес тоа го правиме во услови на некоја друга реалност – смета Мицевски.

Тој не пропушти да се осврне на актуелната политичка ситуација и рече:

– Ние не смееме да станеме држава каде ова Собрание ќе носи закони со кој државата ќе носи за едни правда за други неправда, држава во која со закон ќе се штити владејачката елита од амнестија за сомнежите за криминал и корупција. Членството во НАТО е обврска и одговорност со која мораме да се носиме.

Господине Талат Џафери, денес се гласа протоколот за членство на земјава во НАТО. Очекуваме да ја уважите иницијативата која ја испративме за распуштање на ова Собрание. Затоа очекуваме утре да ја ставите точката на дневен ред и да се распушти парламентот, да се распишат предвремените парламентарни избори на кој народот ќе одлучува и ќе ја преземе судбината на земјата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...