Законот за двојазичност кој беше неуставно и незаконски потпишан од страна на Талат Џафери и објавен во службен весник е на штета на Република Македонија и кохезијата во општеството, рече Никола Мицевски шеф на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
– Законот за двојазичност е донесен без поширок политички и општествен дијалог. Спротивно на препораките на правната фела и општата јавност власта го истурка законот за двојазичност кој ќе креира целосен паралелизам во сите државни институции, како на централно, така и на локално ниво. Овој закон ќе ги блокира институциите, кои наместо да си работат работата ќе треба да преведуваат и одржуваат двојни архиви, што ќе ја чини државата и граѓаните, време, место, човечки ресурси и пари – изјави Мицевски.
Тој повтори дека партијата ги повикува сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој, како што вели, неуставен и штетен закон. Мицевски порача дека доколку одговорните во институциите се соочат со какви било проблеми или закани, ВМРО – ДПМНЕ и правната комисија им стојат на располагање за правна или било каква друга помош.