Тоа што референдумот е консултативен отвора можност власта да го толкува резултатот како сака, забележa пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, на пленарната седница за предлог одлуката за распишување на референдум.
Пратеникот Мицевски рече дека опозицијата има два амандмани и дека предложеното референдумско прашање не е прецизно.
– Консултативниот референдум за вас е само форма и остава можност резултатот да го толкувате како сакате, иако според законот оваа одлука треба да биде задолжителна. Дали ако нема цензус, а повеќето граѓани гласаат „за“, тоа може да се толкува како одобрување и институциите да продолжат со реализација на овој договор? Мое мислење е дека тоа е целта – рече Мицевски.
Тој смета дека власта ги навредува граѓаните зошто го поистоветуваат Договорот со Грција, со влегувањето во ЕУ и НАТО, а тоа е сон на секој граѓанин.