Сметаме дека функцијата министер за надворешни работи Никола Димитров ја извршува несовесно, нестручно и спротивно на државните интереси, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во образложението на интерпелацијата за министерот за надворешни работи Никола Димитров на собраниската седница.
– Димитров без срам македонската нација ја нарече искомплексирана оти не сакаа државата да го смени името. Со ова го наруши угледот и достоинството на народот и на цела нација. Димитров ја обесчестува функцијата министер за надворешни работи. Тој не беше доблесен да се извини за таквите зборови, а извинување немаше ниту од Владата. Откако стапи на функција Димитров, Македонија постојано трпи штет, а тоа го плсира како победа дека тоа е за доброто на Македонија. Првата штета е Договорот за добрососедство со Бугарија. Договорот е целосно асиметричен и има сериозни пропусти. Вториот голем пораз е Преспанскиот догор со кој се промени името на државата, јазикот и идентитетот. Не сте најспособниот министер за надворешни работи, вие сте најпопустливиот министер. Договорот е спротивен на Уставот, ја сменивте преамбулата. Со ваков договор не се јакне македонскиот идентитет, се откажавте од правото на јазик и националност. Договорот е капитулација за Република Македонија, а не победа – рече Мицевски.
Тој додаде дека Димитров не ја почитувал волјата на македонскиот народ изразена на референдумот. Според Мицевски, референдумот го прогласиле за успешен оти во спротивно Димитров ќе требало да си поднесе оставка.
– Не бевте имун ни на домашни скандали. Ќерката на министерот експресно доби државна стипендија во Холандија. Ова не се европски принципи и вредности. Ова е скандал за кој требаше да поднесете оставка. Димитров во многу наврати покажа дека функцијата не ја извршува професионално. Димитров ќе биде запаметен дека за личен кариеризам го смени името на државата и затоа бараме подршка од пратениците за интерпелацијата – рече Мицевски.