Михајловски: И по Самсоненко, Вардар ќе продолжи да биде успешен клуб

Во еден разговор со г-дин Едуард Кокшаров, спортски директор на РК Вардар го замолив да им пренесе на играчите и да ги замоли за трпение до 10 мај и да се воздржат од предвремено раскинување на договорите и давање на исписници, вели Михајловски.

518

Поранешниот прв човек на РК Вардар и почесен претседател на клубот, Михајло Михајловски, преку соопштение ја информираше јавноста дека се прават напори клубот да остане високо ниво и по заминувањето на Сергеј Самсоненко.

Македонскиот ракометен шампион се соочува со финансиска криза откако Самсоненко најави заминување на крајот од сезоната.

Михајловски вели дека веќе разговарал со неколку компании за составување на респектабилен буџет, но и дека побарал од сегашната управа на клубот да не дава раскин на договорот на актуелните ракометари кои се „врзани“ и за наредната сезона.

– Како почесен претседател на РК Вардар и долгогодишен спонзор кој веќе 31 година е инволвиран во спортот што е број 1 во Македонија тешко ги прифатив најавите дека клубот се наоѓа во тешка ситуација. Секогаш сум бил со клубот и секогаш сум сакал да биде во самиот врв. Затоа сакам што побрзо да се најде решение за натамошно опстојување на клубот и продолжување со успесите што ги постигна во изминатиот период.

Сакам на играчите на Вардар да им посакам среќа во реванш натпреварот од четвртфиналето на ЕХФ Лигата на шампионите и да се вратат во Скопје како победници. Така ќе покажат дека Вардар е македонски, но и европски бренд и по третпат по ред ќе игра на Ф4 турнирот во Келн, што досега не и успеало на ниту една европска екипа – се вели во соопштението.

„Изминатиот период добивав многу повици и молби за спасување на РК Вардар. Имав и разговори на таа тема со 5-6 стопанственици, бизнисмени кои сакаат и можат да го помогнат РК Вардар. Постои и големо разбирање и расположение кај Градот и надлежните спортски и владини институции за изнаоѓање решение за продолжување на успешната ракометна приказна што ја имавме изминатите години. Добив позитивни сигнали дека сите заеднички да најдеме решение и Вардар ќе продолжи да биде успешен клуб.

Сакам да истакнам дека г-дин Самсоненко е најзаслужниот човек што Македонија доби европски првак во ракомет и редовен учесник во Лигата на шампионите во самата завршница. Кога пред шест години му го дадов клубот на г-дин Самсоненко на прес-конференција кажав дека најголемото засилување е токму тој. Тоа на моја среќа се оствари.

Во еден разговор со г-дин Едуард Кокшаров, спортски директор на РК Вардар го замолив да им пренесе на играчите и да ги замоли за трпение до 10 мај и да се воздржат од предвремено раскинување на договорите и давање на исписници.

Како долгогодишен спонзор, убеден сум дека ќе се најде решение РК Вардар да опстане и да продолжи и понатаму да биде македонски првак, победник на СЕХА и редовен учесник во Лигата на шампионите“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...