Михаил Трендафилов – Нанче e кандидат на ГДУ за градоначалник на Охрид

1172

Михаил Трендафилов – Нанче е кандидат на Граѓанско демократската унија (ГДУ) за градоначалник на Охрид. Кандидатурата на Трендафилов беше претставена денеска во новите простории на локалниот клуб на партијата во Охрид.

ГДУ е првата партија која промовира кандидат за градоначалник на Охрид.

Како основни проблеми со кои се соочува општина Охрид, претседателот Петар Колев ги посочи презадолженоста на општина Охрид и иселувањето на младите како резултат на „недомаќинското работење на сите досегашни локални власти без исклучок“.

Колев истакна дека и покрај фактот што градот се наоѓа под заштита на УНЕСКО, и би требало да биде најсредениот, најчистиот и најподредениот град, тоа не е така бидејќи повеќе од 27 години градот не може да го реши проблемот со колекторскиот систем, и редовно секоја сезона, конкурентните туристички центри особено од соседните земји го користат овој факт како аргумент за оцрнувачка кампања против Охрид.

За кандидатот Трендафилов-Нанче, Колев рече дека е човек со карактер, волја, јасна визија и желба за промени.

– Човек со достоинство и чест, кој е готов да се спротивстави и на проблеми од кои другите дали од страв или поради нивното властољубие или среброљубие успешно бегаат преку годините! Човек кој знае да каже не! НЕ на незаконието, неправдата, нечесноста, лицемерието – рече Колев и ги повика охриѓани да го поддржат кандидатот на ГДУ.

Кандидатот Михаил Трендафилов – Нанче изрази задоволство што е кандидат на партија за која рече дека е без хипотеки од минатото, составена од млади луѓе кои се авангарда и иднина на Македонија.

– Време е дефинитивно да изградиме општество на рамноправни луѓе, ослободено од секаков вид измами. Општество спремно за културен натпревар, унија, па нели се стремиме кон ЕУ! Дури не изградиме наша унија, додека не сфатиме дека заедно сме посилни, дури не изградиме среќен дом, нема што да бараме во Европа. Наша цел е да ги обединиме сите прогресивни сили, посебно од СДСМ и ВМРО, да им се даде црвен картон на ретроградните во нивните редови и да излеземе од овој жив песок. Да почнеме од Охрид – порача тој и вети дека ако биде избран ќе се бори за доследна примена на законите.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...