Претседателот на Одделението за надворешни врски на Московската патријаршија, митрополитот Иларион Алфејев смета дека прашањето за канонскиот статус на Македонската православна црква треба да се решава исклучиво во дијалог со Српската православна црква, без мешање на вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Во изјава за белградски „Новости“, митрополитот Иларион вели дека „Руската православна црква е длабоко убедена дека прашањето треба да се решава исклучиво преку дијалог меѓу СПЦ и православната црква во Северна Макеоднија и оти цариградскиот патријарх никако не припаѓа на тој дијалог“.
– Промената на позицијата на Вартоломеј под влијание на политичарите, од наша гледна точка, претставува канонски престап за кој ќе одговара пред Бог. Ако се плетка и во односите меѓу СПЦ и македонската црква, постојат стравувања дека тоа ќе предизвика слични последици – изјави Иларион.
Во однос на случувањата во Црна Гора, истакнува дека РПЦ црврсто стои до СПЦ и нејзините верници во нивната „племенита, света борба против законот со кој црногорските власти директно се вмешаа во црковни работи“.
Иаларион, кој ја извршува должноста шеф на дипломатијата на РПЦ, вели дека претседателите на државите не можат да создаваат цркви. Тој смета дека „луѓето во Црна Гора кои излегуваат на улица против законот се чувар на црквата, а преставниците на државната власт кои одат против народот и црквата нема да завршат добро“.
Вселенската патријаршија минатиот месец по посетата на македонската државна делегација на Фанар, соопшти дека барањето на МПЦ-ОА за апелациона постапка е потврдено и прифатено и дека процесот на решавање на статусот е во процедура.
„Целта на посетата беше да се разговара за црковниот проблем на земјата. За време на разговорот беа поставени прашањата и напредокот на фазите на ова прашање, како и волјата за враќање на оваа Црква во канонско единство под името Охридска Архиепископија, а по поднесеното барање до Мајкатa Црква пред извесно време“, пишува во соопштението од Вселенската патријаршија.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј најави дека ќе покани претставници на СПЦ и на МПЦ во Истанбул заради консултации и обиди за изнаоѓање заемно прифатливо решение.