Митровски: Прво мислев дека Бојан ја злоупотребил Катица, а сега мислам дека Јанева го злоупотребила него

23133

Бизнисменот Зоран Митровски, кој како што рече, има свои винарии на неколку места во Европа и е почесен конзул на Латвија, денеска сведочи во случајот „Рекет“.

На прашање на обвинителката Вилма Русковска, на денешното рочиште, тој рече дека во СЈО бил повикан како сведок за случај наречен „Поштенска банка“. Подоцна во медиумите прочитал дека се споменува како осомничен, а тоа го поттикнало да стапи во контакт со обвинителите во СЈО. Сакал да однесе документи, но му било речено „се во свое време“, додаде сведокот.

– Мојата компанија 29 години произведува вино за извоз, пред сѐ. Штетата не може да се измери што е направена по мојот углед откако од медиумите дознав дека не сум сведок, туку осомничен. СЈО за мене се претвори во кошмар. Од измислен случај „Поштенска банка“ каде што ние бевме малцински акционер, не можев да верувам дека СЈО, за кое мислевме дека ќе донесе правда, ќе ми уништи 20-годишна кариера. Ми беше срам да пријавам поради СЈО, прво мислев дека Бојан ја злоупотребил Катица, а сега мислам дека Јанева го злоупотребила. Ми беше срам поради мојата Македонија – рече вознемирено Митровски.

Тој е вработен во конзулатот на Латвија. Како почесен конзул им кажал во конзулатот што се случува во Македонија и рече дека му било многу непријатно што морал тоа да го направи, а пријавил и кај амбасадорот кој потоа го известил министерот за надворешни работи.

Митровски сведочеше дека адвокатот Сашко Бошков, негов кум кој исто така беше сведок на рочиштето, му раскажал за средбата со Бојан и дека Јованоски побарал два милиони евра за да се реши неговиот случај.

– Бошков ми кажа што му кажал Јовановски, кој не беше опасност за мене, но сфатив дека приказната е многу поголема. Се исплашив многу – додаде Митровски кој како што рече, немал намера да даде пари.

На прашање на адвокатот Сашо Дуковски, бранител на Боки 13, Митровски рече дека не се сретнал лично со Боки, ниту пак дал пари, ниту пак дека пријавил во МВР или во Обвинителството.

Тој рече дека никогаш немал контакт со кого било од 1 ТВ, а ниту остварил контакт со Јанева. Митровски потврди дека откако е притворена Јанева, ништо не е променето во однос на неговиот статус на осомничен во „Поштенска банка“.

– Не ми е познато дали се работи по предметот – рече Митровски, кој додаде дека СЈО се обидувало преку кокетирање да му се доближи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...