Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, на денешната собраниска седница рече дека СДСМ ќе гласа за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
– Ставот на СДСМ е повеќе од јасен за разрешување на Јанева. На комисијата гласавме за нејзино разрешување, ќе гласаме и денес. Мора да нагласам како партија и пратеничка група сме одлучни и истрајни, правда мора да има за секој што се огрешил пред законот, рече Митревски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на партијата Христијан Мицкоски се уште работат по насоки од Никола Груевски со цел да се спасат обвинетите ексфункционери од партијата.
– Сега е јасно зошто преговорите помеѓу Заев и Мицкоски не успеале, Мицкоски прави се за да пропаднат предметите на СЈО. Политичките игри и манипулации со јавноста кои се обидува да ги протне ВМРО не поминуваат. Граѓаните знаат кој гo штити криминалот. Мицкоски сака да издејствува амнестија за претходните обвинети функционери, рече Митрески.
Тој додаде дека со ова делување на ВМРО-ДПМНЕ ги кочат евроинтеграциите процеси на државата.