Со предлог законот за спречување на корупцијата и судир на интереси се прошируваат надлежностите на Комисијата со цел таа да стане тело кое суштински, а не само декларативно ќе застане на патот и ќе и се спротивстави на корупцијата во државата, порача денеска Јован Митрески, координаторот на СДСМ во пресрет на собраниската сеница на која на дневен ред е предложениот текст на законот со кој се очекува ефикасна борба против корупцијата.
Претходно, во изјава за Плусинфо и пратеничката Емилија Александрова, порача дека треба да се поддржи предложениот закон, кој е дел од реформскиот процес на државата.
– Денеска во Собранието во процедура влегува Предлог – законот за спречување на корупцијата и судир на интереси. Ги отвораме вратите за избор на нов состав односно независна и професионална Државната комисија за спречување на корупција. Македонија, има потреба од таква силна независна институција – вели Митрески.
Тој додаде дека поради важноста, но и итноста од нов состав на антикорупциската комисија, овој Закон пред пратениците ќе се најде по скратена постапка и со европско знаменце.
– Ги повикувам сите пратеници да покажат дека се навистина против корупција и да го поддржат предлог законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Крајно време е да запрат блокадите и деструкциите. Партиските интереси треба да се стават на страна. Независно, професионално и силно регулаторно тело кое ќе се бори против корупцијата е во интерес на целокупното општество. Време е Македонија конечно да добие вистински силна и целосно независна Државна комисија за спречување на корупција. Така се гради држава по европски стандарди – порача Митрески.