Митови

Не ви недостасува некое зборче од типот: се подига, се поставува, се (из)гради … тоа и тоа, односно таков и таков споменик? Зошто никој не го разјаснува ова прашање?

942

Елем, еден од многуте наши современи „митови“ е и ова „Скопје 2014“. Зашто, како што и кај вистинските митови, со време, се заборавал авторот односно митот прераснувал во производ на колективниот дух, така и оваа шизоидна градежна скаламерија полека но сигурно преминува во општа сопственост, во колективен производ на провинцијалниот и криминалниот македонски дух.

Зашто, всушност, ние ни денес не знаеме кој навистина ни го смести ова чудо среде градов? Тоа очигледно не го знае ни сегашнава власт па смислила – ако воопшто е мислена – таква хермафродитска формулација на лепенкине што ги поставуваат на дел од спомениците. Факт е дека криминалецон од Будимпешта јавно рече дека тој стои зад овој проект, ама тоа ништо не значи. Истото можеа да го кажат многумина, односно не верувам баш дека тој самиот го смисли сето ова. Нема тој таков капацитет. Но, формално, воопшто и не е битно кој што смислил, туку кој сето ова го платил. А го платил овој народ, директно од државниот буџет тоест од парите што му ги земаат на име данок и други (легални) конфискации. Тоа ќе рече дека овие споменици, односно целиот глупав „проект“ е баш народен? Да, зашто никој, или речиси никој не се бунеше кога сето ова се градеше. И да, подоцнежните анкети кажуваат многу, ама тоа е сепак пост фестум! Затоа, повторно, се чини најсоодветна лепенката што гласи „Народот на Република Северна Македонија во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“. Тоа нема целосно да одговара на вистината, ама бидејќи и оваа работа полека станува мит, ќе звучи подносливо, нели?

Иако некој може да каже дека воопшто и не е битно кој го поставил споменикот односно спомениците туку кој ги ОСТАВИЛ да стојат, плус троши пари – повторно народни пари – за нивно одржување. Зашто, ако едно злосторство врз јавниот простор го оставате да живее и да го труе просторот и народот, а ова злосторство е отровно пар екселанс, тогаш вината, извинете, не е кај оној што го поставил, подигнал, изградил. Дел од оние монструозни нацистички концентрациони кампови не се оставени во спомен на убијците што ги граделе, туку во спомен на жртвите и како опомена за идните генерации! Сака некој да ми каже дека и овде имаме слична идеја? Не баш, не верувам, зашто тогаш на лепенките треба да стои сосема друг текст. Оттука, повторно, истото прашање: кому навистина му треба (и) ваков скандал  наречен официјализирање на тој идиотски „проект“? Кому ова навистина му треба, зарем некој и од ова влече пари, или мисли дека ќе извлече?

Од друга страна, овој скандал е на еднакво, а во суштина на многу поголемо рамниште од оној смешен (и нејасен!) „Рекет“. Зашто нам никој не ни ветуваше „Рекет“ или „Не-рекет“, ама ни ветуваше дека „Скопје 2014“ – ќе го нема! Ќе испари, односно ќе го „изедат“ инспекциите, елаборатите, законите … правната држава. Испадна – ништо од тоа / од неа! Како што нема(ше) ништо ни од реформите. Зошто? Има некакво објаснување или ние треба да нагаѓаме? Извинете, доста ни е од нагаѓања, од „читање“ на намерите на другите. Такво нешто не постои во современата политика! Та белки за тоа беше борбата? Или – не?!

Како и да е, вториот интересен момент со лепенкиве, покрај отсуството на подметот (кој), е и заборавањето на глаголот. Поточно: зошто во фамозната и многузначна (полу)реченица „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“, освен отсуството на она „КОЈ“, го избркале и глаголот тоест ШТО? Што ќе рече, ШТО „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“? Не ви недостасува некое зборче од типот: се подига, се поставува, се (из)гради … тоа и тоа, односно таков и таков споменик? Зошто никој не го разјаснува ова прашање? Или, во прашање е незнаење кој глагол да се употреби, а следствено и страв од грешка? Или ако нема глагол, како да нема ни споменик? Е па не е баш така, ене го споменикот, среде Плоштадот, и не само тој туку и сите други. Дали ако кажете „се подига“ тој и тој споменик мора да кажете и кој го подига? Па и не мора, кај нас ништо нормално и логично – не мора. Ама, кога ќе кажете „се подига“ тој и тој споменик „во чест на …“, секој паметен ќе го врзе подигањето со законската процедура пропишана со Законот за меморијални споменици и спомен обележја, а таква легална процедура – немаше, нели.

Барем тоа сите го паметиме, а го памети и тогашната опозиција, сегашна власт! Исто или слично значење би имале и другите два поими „се поставува“ или „се изгради“, зашто и тоа подразбира запазување на извесни законски процедури кои што овде не биле запазени. Иако спомениците сепак биле поставени, а сега се и официјализирани. Или некој сепак се сетил да ги прочита главните стратешки определби на оваа Влада во делот за „Скопје 2014“, каде овој монструозен зафат однапред беше прогласен за „гигантска дивоградба“? Е па ако е така, а така пишува, како може една „гигантска дивоградба“, среде главниот град, или метрополата, како што многумина сакаат да ја нарекуваат, да стои веќе 2-3 години недопрена, а сега, конечно, и официјализирана од најголемиот нејзин противник – тогашната опозиција? Вака, извинете, сето ова изгледа како дотичните споменици да ни ги сместиле некои вонземјани на кои ни името ниту пак изгледот им ги знаеме, а ни ги сместиле преку ноќ и на мистериозно непознат начин што не умееме со зборови да го дефинираме! А можеби така и било, ќе каже утрешниот мит за „Скопје 2014“?

Но, дури и сето ова со смешниве налепници и уште посмешниот, да не речам трагичен, текст на нив да се прифати како една непромислена небулоза, моментно решение кое веќе утре може да се смени, останува главниот проблем: зошто вака се решава прашањето на „Скопје 2014“? Мислам дека, ако не повеќе, некој висок функционер од Владата, ако не и самиот Премиер, мораше да излезе пред јавноста и да ги образложи ваквите потези. Иако е тешко замисливо како би се објасниле и одбраниле таквите потези. Но, тоа е должност на оние кои спроведуваат една ваква мерка. Е сега, централното прашање, повторно, е: зошто токму ваква мерка и од каде истата произлегува? Од т.н. „Преспански договор“? Тоа, едноставно, не е точно! Но за тоа следниот пат.

П.С.

Апропо, каква лепенка ќе се стави на спомениот на Гоце Делчев, односно на сите три-четири негови споменици во оваа земја? Дека тој е Бугарин кој се борел за независна Македонија? Или, да не давам идеи … да не чуе г-ѓана загрижена Захариева?

П.П.С.

Абе, имаше еден гооолем вмровски миленик – стручњак за митови, сега вработен во Владата. Да не стои он и зад овој најнов мит со лепенкиве?

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...