Митко Јанчев ја демантира Каракамишева: Немам членска книшка од СДСМ, тоа е фалсификат!

Јанчев исто така демантираше дека учествува во создавањето нова партија на десницата, но предупреди дека ВМРО-ДПМНЕ остава простор за тоа.

4326

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев денеска остро ја демантираше Тања Каракамишева, која на Фејсбук објави фотографија од наводна негова членска книшка во СДСМ.

„Фотографијата која излезе денеска во јавноста со наводна моја членска книшка е тотален фалсификат. Мојот датум на раѓање е 01.11.1981 година,што е прв показател дека тоа е лажна фотографија. Поради овие невистиним барам јавно извинување во спротивно ќе постапам согласно законот“, објави Јанчев.

Јанчев исто така демантираше дека учествува во создавањето нова партија на десницата:

– Според последните истражувања, меѓу 35 и 40 отсто од граѓаните не поддржуваат политичка партија затоа што не гледаат перспектива во она што значи десно ориентирана партија или пак лево. Ако ВМРО ДПМНЕ продолжи во оваа насока, остава голем простор да се направи трета опција, која за жал, би била десно ориентирана. Демантирам дека јас учествувам во создавање на нова партија. Но, останувам на ставот дека ако се продолжи со иста реторика и политика, се остава голем простор за трета опција, што не значи дека јас би учествувал во нејзино создавање – рече Јанчев.

Попладнево Јанчев се огласи и со обраќање до јавноста во врска со неговото интервју за порталот Фактор. Го пренесуваме во целост:

„Почитувани,

Имам обврска да Ви се обратам вам како новинари, но и на целата јавност.

Многу е погрешно да се изнесуваат во јавноста невистинити и погрешни информации. Доколку би го погледнале целото интервју, зборовите кажани во овој наслов нема да ги слушнеме.

Нема начин, Владата и Зоран Заев, како да ми помагаат мене. Проектите кои се реализираат во Општина Кавадарци, во заедничка соработка и финансирање со Владата, се за жителите на Општина Кавадарци , не се за мене. Тоа што Владата успешно реализира дел од проектите во нашата општина е само резултат на добро заедничко менаџирање за доброто на нашата општина.

Веќе долго време мојот став е дека не се согласувам со дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, тоа не значи дека мојата партија не чини. Ова е уште еден неуспешен обид, да се стави сенка на мојата личност и моето успешно работење како градоначалник, од страна на оние со кои не делиме исти ставови.

Митко Јанчев
Градоначалник на Општина Кавадарци“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...