Преку парламентарната дипломатија заеднички ги браневме интересите на Република Македонија, бевме единствени и во Вашингтон, Брисел, Париз и во Лондон и секаде го промовиравме ставот дека Република Македонија заслужува и треба да биде членка на НАТО и на ЕУ. За многу прашања сме имале различни ставови, жестоко сме се расправале. Но за Евроатланскиот пат на Република Македонија секогаш сме имале единствен став.Заеднички ги пребродивме и најтешките моменти во Собранието, а ги имаше многу, им порача пратеникот од владејачкото мнозинство и потпретседател на Собранието, Горан Мисовски, на опозициските пратеници.
– Ги повикувам сите пратеници во Собранието на Република Македонија да преземат одговорност за иднината на нашата држава и да ги поддржат уставните измени. Упатувам апел до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат волјата на граѓаните и заеднички да обезбедиме европска иднина за сите граѓани на Република Македонија. Огромното мнозинството граѓани од над 80 отсто се одлучи дека иднината на Македонија е во ЕУ и НАТО. Наша обврска и должност е овде во Собранието да ја реализираме волјата на граѓаните кои се изјаснија дека сакаат просперитетна и сигурна иднина во НАТО и ЕУ – рече Мисовски.
Потпретседателот на Собранието рече дека е убеден и не сака да верува дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за уставни измени во понеделник.
– Нашата одлука да гласаме за уставните измени го потврдува и зацврстува историскиот континуитет на македонската државност, се обезбедува поцврста гаранција на границите и територијалниот интегритет, грижа за Македонците и иселениците од Македонија во странство согласно меѓународните стандарди без мешање во внатрешните работи на која било друга држава, рече Мисовски.
Смета дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ токму од тие причини треба, како што вели, да преземат одговорност за иднината на нашата држава и да ги поддржат уставните измени.
Мисовски одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Законодaвниот дом не може да ги коментира информациите изнесени во јавноста за притисоци и закани врз членови на ВМРО-ДПМНЕ, а за себе рече дека немал никаков притисок поврзан со неговиот став за менување на уставното име и најавените уставни измени.