Мисовски: Груевски ги украде парите и побегна, а вие му ставате лајкови на Фејсбук

545

Груевски ви ги украде парите и побегна, а вие се уште на Фејбук му ставате лајкови, им рече потпретседателот на Собранието Горан Мисовски на пратениците од ВМРО – ДПМНЕ, а поттикнат од нивните обвинувања на денешната собраниска седница за усвојување на уште два амандмани според договорот со Грција.

– Човекот од Унгарија ви мафта со раката, а вие лајкови му ставете. Вие таму издржете, јас тука ќе уживам со вашите пари, а срамот ќе го јаде ВМРО-ДПМНЕ – рече Мисовски.

Претходно, Зоран Илиоски, пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ, рече дека власта со уставните измени сака да ја покрие својата неспособност, тендерите во четири очи и неисполнетите ветувања кон граѓаните, отсуството на реформи.

– Владата не прави ништо, освен што си дели тендери во четири очи и пари од Фондот за иновации на фирми, блиски до власта. Ова што сега се прави е за да се одвлече вниманието на народот. Не е мала работа, ова е историски момент. И за да биде поинтересно, власта топката ја префрли на 120 пратеници, нам треба да ни падне одговорноста, да го притиснеме копчето и да одлучиме за државата и народот – рече Илиоски.

Според Мисовски, Договорот со Грција е прифатлив за двете страни и со него се гарантира македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

– Во Обединетите Нации ќе бидеме пишани како единствена нација која го говори македонскиот јазик. Целиот свет застана на наша страна. Да говорите за тендери и злоупотреби на јавни функции треба да имате интегритет – вели Мисовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...