Мисовски во „Само вистина“: Убеден сум дека прашањето за референдумот ќе се донесе со консензус

1871

Им советувам на граѓаните да не нѐ слушаат нас политичарите, туку да одвојат време и да ја прочитаат спогодбата со Грција и нека донесат сопствена одлука. Но тврдам, дека овој референдум мора да успее. Ова во вечерашното издание на „Само вистина“ го изјави пратеникот и актуелен потпретседател на Македонското собрание, Горан Мисовски.

– Договорот е компромисно решение за двете земји, но за нас ќе се откочи процесот за таму, за каде што повеќе од 70 проценти од граѓаните постојано укажуваат дека сакаат да бидат – во една нормална држава каде повеќе ќе зборуваме за економија, за благосостојба на граѓаните – смета Мисовски.

Тој е убеден дека прашањето за референдумот ќе се донесе со консензус и дека кога ќе го чујат гласот на народот, некои од пратениците ќе ги изгласаат промените.

– Лично жалам што претседателот Иванов не се потпиша, но неговиот потпис во случајот е ирелевантен. Во договорот стои дека доволна е ратификацијата во Собранието – вели Мисовски.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема легитимитет да критикува додека не се огради од претходното раководство и неговите постапки.

– Тие што го критикуваат договорот 11 години наназад беа на власт, сите полуги на власта ги имаа, полиција, тајна полиција, војска, претседателот на државата им беше на копче…Значи ги имаа сите можности да го решат спорот. Не го решија. Ако не ја искористевме оваа шанса, имам информации, во некој нареден период 7,10 години, зборувам хипотетички, кога повторно би се создале вакви услови и би се приближиле до некаков евентуален договор, зборот Македонија ќе беше избришан од името – вели Мисовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...