Неминовна е потребата од осовременување на секој закон, па и овој за сферата на културата (1998.), особено поради меѓувреме донесените бројни прописи од поопшт карактер што се однесуваат на културата, надминатите решенија проверени низ практиката, новите форми и облици за нејзино остварување, поради неговите бројни неоправдани, штетни и лаички измени и дополнувања, инспирирани од непринципиелни, партиски и лични интереси, како основа за нивна (зло)употреба и тн.
Но, за жал, недостасува студиско-аналитичко согледување, што е законска надлежност и обврска на Владата/Министерството за култура, за состојбите, негативните искуства од примената, ниту за решенијата за нивно надминување, како и ефектите, цената и периодот за тоа.
Во интерес на подобрување/преиспитување на предложените решенија, укажувам на следните недостатоци:
1. Иако Предлогов има амбизиозен назив за утврдување на јавниот интерес во културата, содржински, тој напротив, најмалку прави обид тоа да го дефинира, па во кошот без дно, под дефиницијата на „јавниот интерес“ се вметнати семожни дејности, области, сфери, уметности и тн., од што произлегува дека всушност нема никаква дистинкција на јавниот од локалниот, приватниот, личниот и евентуално, каков било друг интерес. Всушност, нема дистинкција меѓу т.н. „јавен интерес“ во културата од најопшт возможен опфат на поимот „култура“ во законска смисла.
Воедно, називот на законот не кореспондира со називот, па оттука и со надлежностите на Министерството за култура. Дали се предвидува измена на други закони со кои Министерството ќе се преименува во Министерство за јавниот интерес во културата? Ако не, прашање е – каде, со кој пропис останува да се дефинира неговата надлежност за културата, во смисла на законот (потенцирам, не во теоретска, научна или друга смисла).
2. Предложениот опфат на поимот национален интерес во културата, неминовно ќе води и во колизија со надлежности на други органи и институции, како позитивна, така и негативна! Кога веќе Предлогов се ограничува на дефинирање на тој интерес, потребно е и негово подецидно, попрепознатливо определување. Во спротивно, останува овој закон и натаму да биде основа за негово растегнување, толкување, па и злоупотреба од страна на власта.
3. При утврдување на опфатот на поимот јавен интерес неконсеквентно се измешани максималистичките набројувања на дејностите и уметничките сфери, кои се дефинираат во категоријата на јавен интерес. Некои се неоправдано изоставени, а значаен дел, меѓу кои, како на пример, архитектурата, не се дистанцирани од надлежноста на други државни органи. Посебно, за потенцирање е и научното творештво во областа на културата.
4. Се поставува прашањето дали воопшто може/смее самата уметност, како право на слободно творештво, да се подвргне под надлежноста на кој било државен или друг орган. Дали тоа што би претставувало јавен интерес, би смеело да се допушти негово неостварување! Ако е тоа возможно, тогаш „тоа нешто“ не би смеело да се третира дека спаѓа во категоријана јавен интерес! А творештвото е искслучиво во доменот на слободната волја на поединец – како индивидуално, т.н.„природно“ право, меѓународно-правно загарантирано! Како би можела државата (министерот) да наложи негово остварување?! Во таа смисла, дистинкцијата во постоечкиот Закон за културата, а во согласност и со Законот за авторското право и сродните права, како и со Законот за органите на управата е посоодветен, во смисла на поттикнување и обезбедување поволни услови за уметничко творештво.
5. Предложените решенија се неконсеквентни и неконзистентни и задираат во различните сфери на надлежностите на единиците на локалната самоуправа! Нема дистинкција, всушност, се измешани надлежностите кај деконцентрацијата на власта: децентрализацијата: делегираната надлежност и изворната локална надлежност! Ова посебно и во делот на установите и финансирањето. Дали се оди кон тоа, единиците на локална самоупрва на предложениов начин, да се претворат во експозитури на Министерството, но не и самостојни органи согласно својата законска надлежност. Дали е така? Постоечките прописи ова ниту го пропишуваат, ниту го обезбедуваат, туку сосема спротивното!
6. Министерот, наместо инокосен орган што остварува грижа за спроведување на политиката (која, по дефиниција, ја утврдува Собранието) што треба да биде препознатлива и транспарентна, таа е целосно распослана со семожни права да интервенира и влијае во културата без своја пропишана и еквивалентна одговорност. Преопштоста на Стратегијата и планот за работа како документи, наместо да ја ограничат и канализираат неговата надлежност, со Предлогов, само ја обезбедуваат неговата уште поголема, неограничена власт и моќ! Со тоа, се озаконува волунтаризмот на политичката моќ во културата, а оттука се озаконуваат и семожни злоупотреби на таа неограничена моќ.
Имено, со години, преку бројните измени на основниот текст на постоечкиот Закон за културата, а сега веќе и децидно, се намалува планирањето и одговорноста на министерот за култура во остварувањето на политиката во културата. Наместо планските документи – национална програма за 5 години, а согласно неа и годишна програма на министерот за реализација на тој стратешки документ – се оди на декларативна Национална стратегија, кој во суштина е памфлет и е необврзувачки и непрепознатлив, што овозможува волунатаризам на министерот. Наместо годишната програма на министерот, се предлага план, во кој не се содржи проекцијата на министерот за реализација на програмскиот 5-годишен документ. Оттука, сообразно, следува и неотчетност и неодговорност на министерот за спроведување на политиката на „јавниот интерес“ во културата.
7. Финансирањето на приватниот сектор, поради тоа што не е доволно разработен, неминовно доведуваше, а и натаму ќе доведува до своевидна нова и недозволива приватизација на државните пари, а оттука и семожни злоупотреби, како од страна на власта, така и од корисниците. Оттука, правилата за нивно користење и контрола треба да се подецидни и позасилени.
8. Наместо зајакнување на самостојноста, стручноста и професионалниот интегритет на субјектите во културата („стручноста и компетентноста“ што се уставно детерминира), тие, со Предлогов уште повеќе се ставаат под директна и повеќекратна зависност од центрите на политичката моќ, (министерот!)
Потребно е воспоставување поголема самостојност на јавните и националните установи (консеквентно и на локалните) особено при избор на директори. Сметам дека остварувањето на влијанието на државните органи е доволно обезбедено преку системот на основање, контрола, финансирање, отчетност и учество со претставници во органите на управување. Ова, и поради фактот што министерот е политичка фигура, во принцип нестручен за културните сфери, а за директорите, напротив, се предвидува нивна стручност, како критериум од интерес за вршење на функцијата во дејноста. Практиката, ова, недвосмислено го наметнува.
9. Се озаконува двојно, тројно, па четворно умножување различни внатрешни организирани единици/облици за вршење исти работи од надлежност на министерот. Концептот е кумулација на семожни облици, без да се води сметка дека таков конгломерат на исти надлежности, од што следува и отсуство на нивна конкретизирана надлежност и одговорност за истите функции, не само што не е дозволиво, е и прескапо и неефикасно!
Со воспоставување редовни комисии на министерот, покрај, и паралелно со бројните стручни служби се воведува паралелизам во нивните надлежности, па и одговорност. Се поставува прашањето – ако веќе се назначуваат бројни советници на министерот, потоа, се формираат и посебни сектори со бројни вработени по сите нивоа на стручни лица со највисоки звања, чуму се комисии, редовни и повремени со лица од ист профил (стручни) и за исти надлежности!? Дали не е поцелисходно при постоење на вакви комисии, стручните служби на Министерството да бидат супримирани до степен на нивна администартивна логистика? Или, пак, обратно-службите целосно да си ја вршат „улогата“ и на предвидениве комисии, како што општите закони им определуваат („вршат стучни и административни работи“)! А при сите нив и над сите нив, останува министерот како индивидуален орган со ексклузивно право на одлучување и одговорност за одлучувањето!
10. Од опфатот е изоставена грижата за македонското малцинство во соседните држави, што е уставно определена обврска на државата!
11. Погрешно е цитирањето на некои сфери, на пример „авторските права и сродните права“, иако се законски дефинирани и усогласени со меѓународни правни акти, обврзувачки за РМ.
12. Погрешно е третирањето на некои постапки во утврдениот правен систем на РМ, како за пример: Се востановува ли нова процедура за донесување на т.н. Национална стратегија – дали Министерството ќе ја „прескочи“ Владата па директно пред Собранието ќе се појави како нејзин предлагач?
13. Значаен дел од регулативата се содржи во други, во меѓувреме донесени прописи и во интерес на рационалноста е потребно нивно изземање од овој текст на закон, а дел може, поради својата природа, да се регулира со актите на институциите и/или со подзаконски акти.
14. Потребни се соодветни правно-технички подобрувања на текстот и посоодветна правно-јазична конструкција.
Имајќи го предвид изнесеното, се наметнува основната дилема: Дали е оправдано постоење посебно министерство за култура, ако се имаат предвид предложените преопшти, декларативни решенија, регулативата во другите законски прописи и досегашното практикување неограничена, неотчетна и неодговорна власт во оваа особено значајна сфера за Република Македонија и во овие времиња!? Дури, немалициозно, предложениов закон би можело да се именува како Закон за (финансирање на) сѐ и ништо во културата.
Поради исклучително кусиот рок за доставување мислења и забелешки по Предлогов, допуштам дека одредени важни прашања не ми се сосема согледани, па оттука и недостасува соодветен став по нив.
Напоменувам дека нема да учествувам во полемики засновани на лични дисквалификации и без аргументи со изнесеново мислење.
Олгица Никола Трајковска
(дипл. правник и автор)