Претставата „Железниот светилник“, според романот на Димитар Талев, во режија на Асен Шопов, ќе биде изведена од театарот „Бугарска армија“ на сцената на МНТ на 11–ти јули, понеделник. Претставата е заснована на првиот роман од тетралогијата на извонредниот бугарски писател Димитар Талев, кој е роден во Прилеп. Генерален спонзор на изведбата е Фондацијата ,,Илија Камчев“, а покровители се Министерството за култура на Република Македонија, Министерството за култура и Министерството за одбрана на Република Бугарија.
Освен во МНТ, претставата ќе биде одиграна и во Охрид на 12. јуни во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, во Народниот театар во Битола на 13. јуни, во родниот Прилеп на Димитар Талев на 14. јуни во Народниот театар ,,Војдан Чернодрински“, во Центарот за култура ,,Антон Панов“ во Струмица на 15. јуни и во НУ центар за култура ,,Ацо Шопов“ во Штип на 16. јуни.
За изведбата во Скопје зборуваме со директорот на театарот „Бугарска армија“, Мирослав Пашов.
Во Бугарија за оваа претстава се однапред распродадени билетите, очекувате ли подеднаков интерес и во Македонија?
– Се разбира! Димитар Талев е многу познат и во Македонија. Проблемите, кои се засегнати со претставата – и јавни и лични – подеднакво ги засегаат гледачите.
Класичниот роман на Димитар Талев, од 1952 година, се врати на сцената на Театарот на бугарската армија 55 години по првото поставување на неговата театраска верзија. На што се должеше интересот за враќањето на театарската сцена на овој текст?
– За да се постави даден класичен производ на сцена, најосновно треба да имате соодветна актерска екипа и, се разбира, одличен режисер. Во театарот „Бугарска армија“ располагаме и со две. Освен тоа, проблемите, кои се вклучени во романот, од чисто човечка гледна точка, секогаш ги засегаат гледачите. Класиката е вечна!
Сметате ли дека темата и ликовите може да ги привлечат и денешните гледачи?
– Веќе одговорив на тоа прашање. Не треба да ги потценуваме нашите млади гледачи. Оваа претства е целосно насочена кон нив и нивните проблеми.
Режијата на претставата на Асен Шопов, во бугарските медиуми, е оценета како виртуозна и никого не остава рамнодушен. Ќе бидат ли користени видео и сценски ефекти во функција на целосно обликување на претставата?
– Не. Текстот е доволно силен за да се користат какви и да било ефекти на сцената. Моќта на режијата на Асен Шопов е фокусирана, главно, на деталната разработка на нивните слики и сугестии.
Дали театарот на „Бугарската армија“ (ТБА) претходно имал и други гостувања во Македонија или ова е прва соработка со македонски тетари?
– Во последните 10 години театарот „Бугарска армија“ гостувал три пати на „Охридско лето“ со претставите „Буре барут“, „Трамвај желба“ и „Отело“. ТБА е носител на Големата награда на „СКУПИ Фестивал“ за претставата „Јерма“ и Лорка.
И покрај тоа што сме соседни држави, и често се случува театри од Македонија и театри од Бугарија да учествуваат на различни фестивали, дали таа комуникација е доволна, како би можела да се прошири и надгради?
– Не би требало само фестивалите да претставуваат место за средба на македонските и бугарските театри. Според мене, време е да се работи повеќе во насока на размена и ова да не е спорадично туку редовно.
На кој начин е конципиран бугарскиот театарски систем, за разлика од македонскиот кадешто речиси и да нема приватни театри, туку само театри финансирани од државата?
– Не би можел да зборувам многу за приватни театри во Бугарија, бидејќи тие сами собираат средства за своите претстави, а во основа можам да зборувам за државните. Кај нас веќе осум години постои разработена „методологија“, во која многу точно се определени правилата, преку кои се субвенционираат театрите. Покрај тоа министерството за култура организира сесии за финансирање на „слободни“ театарски проекти.
Се очекува гости на претставата во МНТ да бидат и премиерот на Р. Македонија Зоран Заев, како и премиерот на Р. Бугарија, Бојко Борисов. Сметате ли дека претставата „Железниот светилник“ нема да биде само културен мост меѓу двете земји, туку и стретешки, пријателски потег?
– Културата секогаш ќе остане најмоќното средство за зближување на народите. Ова е највидливо за време на меѓународните фестивали. А најдобриот театар во Бугарија – театарот „Бугарска армија“, со својот најпосетуван спектакл „Железниот светилник“ можеби треба да стане огромен, десет (10) лентен Коридор број 8! Очекувајте нè!