Пратеникот Панчо Минов од ГРОМ предага новото име според преспанскиот договор, Северна Македонија да го прифатиме откако државата ќе стане членка во ЕУ и НАТО.
Минов денеска зборуваше во Собранието каде што се расправа за потребата од уставните измени кои произлегуваат од Договорот со Грција.
Тој додаде дека ќе биде доследен на партиско-коалицискиот став и дека ќе гласа против предлогот- одлуката за уставни измени.
-Ако е условен влезот во ЕУ и НАТО, ние да условиме прифаќање на името Северна Македонија да биде по нашето зачленување во ЕУ и НАТО – рече Минов и додаде дека предлозите за одложена промена на името по влезот во ЕУ и НАТО да бидат основа за договор меѓу власта и опозоцијата.
Според Минов, прифаќање на промената на уставното име за внатрешна употреба треба да важи откако ќе завршат преговорите со ЕУ за зачленување.
На овој предог одговори министерот Никола Димтров, кој објасни дека членството во НАТО е врзано со стапувањето во сила на договорот.
-НАТО членството е врзано со влегувањето во сила на договорот и затоа во договорот стои дека на иста сесија кога грчкиот парламент ќе ја ратификува спогодбата, ќе ги ратификува и пристапните протоколи за нашето членство во НАТО. Ова што вие го сугерирате беше неколку пати споменувано во текот на преговорите. Ерга омнес употреба на името и идентитетското прашање се суштината на договорот – одговори министерот Димитров.