Министрите немаат право на избор

Министерот или министерката немаат право да одлучат дали ќе имаат официјален, односно службен канал за комуникација со јавноста преку социјалните медиуми.

1249

Убавината на демократијата се состои во тоа што луѓето имаат можност да бираат. Избираат власт на избори, прават избор каде ќе пазарат и каде ќе живеат. Истовремено, правото на избор ја подига личната одговорност, па вината за правилниот или лошиот избор паѓа на плеќите на индивидуата. Некој умее да се носи со овој „товар“, некој, пак, се лизга токму на овие животни испити…

Како и да е, ова е тема која на долго и широко можеме да ја дебатираме и веројатно нема да се сложиме целосно едни со други. Но, и тоа е убавината на демократијата, бидејќи секој од нас има право да го искаже својот став, без притоа да биде повикан на одговорност. Се разбира, ова важи само ако искажуваме став или мислење, но не и доколку шириме говор на омраза или навредуваме. Било омразата да ја шириме во весник, кафеана или преку омилениот профил на Фејсбук.

Пред неколку дена беше објавена втората годишна анализа за онлајн присуството на владините функционери на социјалните медиуми, односно колку премиерот и министрите се активни на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

Бројките покажуваат квантитативно подобрување споредено со минатата година. Односно, зголемување за тројца министри кои користат Фејсбук, плус четворица кои се охрабриле и отвориле свој профил на Инстаграм, а дури шестмина повеќе кои се активни на Твитер.

Убави бројки и ветувачка позитивна динамика. Но, веселата статистика од Анализата завршува тука. Следуваат поразителните бројки. Само 10 од вкупно 26 владини функционери истовремено ги користат овие 3 социјални медиуми. А, двајца министри воопшто не користат ниту еден социјален медиум.

Внимавајте, ова се податоци во 21 век, односно во 2018 година. Во време кога официјалните статистики покажуваат речиси 90 процентно активно користење на интернет во Македонија. Епоха во која над 60 проценти од населението во земјава е активно на социјалните медиуми.

Сепак, прво да бидеме на чисто. Ниту еден граѓанин нема обврска да има приватен профил на Фејсбук или Твитер. Приватните чатувања не се задолжителни ниту за министрите, пратениците или градоначалниците.

Но, обврска на секој политичар, а особено јавен функционер е да има официјална Фејсбук страна, како и канали и профили за службена комуникација со граѓаните на другите социјални медиуми. И тука компромис нема, ниту смее да има. Граѓаните заслужуваат да имаат дополнителен канал за директна и двонасочна комуникација со институциите и јавните функционери, односно со нивните онлајн тимови.

Да дадеме неколку практични примери. Како што премиерот или министрите за внатрешни работи и одбрана немаат право да одлучат дали им е потребно или не државно обезбедување. Или, како што немаат право да одлучат дека наместо обучениот возач, тие ќе го возат службениот автомобил. Како што странски државник кој доаѓа во официјална посета на земјава мора да го следи протоколот утврден од компетентни лица од министрите за надворешни работи од двете земји. И многу слични примери.

На ист таков начин, министерот или министерката немаат право да одлучат дали ќе имаат официјален, односно службен канал за комуникација со јавноста преку социјалните медиуми. И приказната можеме полека да ја завршиме овде и уште утре да го поправиме пропустот. Отворете им страни и канали на сите министри кои досега немаат. Без да имаат право тие да одлучат или да ви кажат дека не се сложуваат.

Бидејќи за ова немаат право на избор. Барем не додека се на функција и се финансираат од парите на граѓаните. До тогаш мора и ќе бидат службено присутни со свои тимови за комуникација преку сите канали кои граѓаните ги користат. Ако си дадат оставка или им заврши мандатот можат да одлучуваат дали потоа приватно ќе бидат активни онлајн или ќе се повлечат во некоја удобна куќичка на планина или езеро и ќе пишуваат мемоари.

Да покажеме на дело дека сме за евроатлантска интеграција. Политичката култура и можност за комуникација со граѓаните е првиот потег кој ќе нѐ однесе на тој пат!

(авторот е специјалист за односи со јавност и нови медиуми)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...