Министрите на ДУИ се на топ листа по трошењето буџетски средства за угостителски усуги, а од нив води министерот за економија Крешник Бектеши, рече на денешната средба со новинарите Вања Михајлова, експерт од „Транспарентност Македонија“ повикувајќи се на владината алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции.
Министерот Крешник Бектеши, како што потсети Михајлова, за само шест месеци од минатата година, потрошил 14 илјади евра за угостителски услуги во земјата и странство.
„Транспарентност Македонија“ денеска во соработка со НВО Инфоцентар го презентираше својот прв мониторинг извештај за корупцијата и трансарентноста во земјава, а кој се однесува на периодот од јануари до април 2018 година, а во рамки на проектот „Граѓанските организации и медиуми проти корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“, поддржан од Европската унија.
„Транспарентност Македонија“ во извештајот нотира повеќе слабости на новата власт – неповолни околности за борба против корупцијата, закочени реформи во правосудството, недоречена кадровска политика, комотно однесување на дел од министрите во трошењето јавни пари кое е резултат на досегашната политика на неказнивост, неефикасна јавна администрација.
Многу раководни кадри од претходната власт се уште заземаат важни места во државната хиерархија, иако се покажа дека тие беа клучен дел во клиентелистичкиот и високо корумпиран систем на владеење на Груевски, констатира „Транспарентност Македонија.“
-Кадровската политика на Владата беше и сè уште е предмет на голема критика, посебно на квалитетот на кадрите кои се поставуваат на високи позиции. Многу кадри од претходната власт сè уште се наоѓаат на високо место во државната хиерархија, што создава демотивација и сомнежи за искреноста и намерите на новата Влада дека ќе имаме професионализација на државната администрација – додаде Михајлова.
Михајлова се осврна и на скандалот во Државната комисија за спречување на корупцијата и урнисаната доверба на антикорупционерите, кои наместо да откриваат корупција на функционерите, ревизијата покажа нетранспарентно и незаконско трошење буџетски пари.
-Оставките под притисок на јавноста на пет од вкупно седум члена на ДКСК не треба да бидат земени како олеснителна околност при утврдување на нивната одговорност за грубо кршење на законот. Нивната одговорност е уште поголема ако се земат предвид последиците за натамошно функционирање на ДКСК и изгубената доверба кај граѓаните – вели „Транспаретност Македонија“.
Во вистинската битка против корупцијата, „Транспарентност Македонија“ предлага конечно да се напушти партизацијата и именување анонимни членови на Комисијата, дури некогаш и такви кои не ги исполнуваат ниту законските критериуми и препорачува да се избираат експерти со кредибиитет, искуство и знаење.
Михајлова рече дека треба да се намали и бројот на членовите на ДКСК на петмина, на тој начин ќе се заштедат буџетски средства, а тоа нема негативно да се одрази на работењето на Комисијата.
Според „Транспарентност Македонија“, несфатливо е барањето, опозицијата да го предлага претседателот на антикорупционерите и наместо партиска личност, предагаат првиот човек на ДКСК , како и нејзините членови да бидат независни и да работат без партиски притисок.
-Резултатите во трансформирањето на капацитетите на државата во борба против криминалот и корупцијата најблаго речено, се половични и спори. Реформите во прависудството се закочени во коридорите на политичките и правните перипетии. На тоа се надоврзува и нефункционалноста на Собранието и бојкотот на опозицијата, што успори или сосема спречи донесување низа реформски закони кои што посредно и непосредно, се однесуваат на состојбите со криминалот и корупцијата во земјава -оценува „Транспарентност Македонија“.
„Транспарентност Македонија“ во извештајот констатита дека новата власт преку своите алатки на отчетност, покажува дека е транспарентна, во споредба со претходните, но предупредува дека ќе продолжи самоволието на функционерите, ако тие не понесат политичка, но и и кривична одговорност за ненаменското трошење на парите на граѓаните и ако тие пари не ги вратат во државната каса.
Вања Михајлова зборуваше и за проблемот на кабастата јавна администрација, која и покрај европските препораки и сугестии на невладиниот сектор, далеку е од заложбите за мала и ефикасна администрација.
-За тоа се потребни храбри и решителни чекори, кои Владата очигледно не е подготвена да ги направи – закучува „Трансапретност Македонија“