Министрите без договор, одлуката за почеток на преговорите со Македонија ќе се носи задутре во Брисел

Јоханес Хан изјави дека „ова не беше најславниот момент на Европа“, додавајќи при тоа дека „значително мнозинство“ на членките на ЕУ ја поддржале препорака за отпочнување на преговорите со двете земји.

1184

Министрите за европски прашања на земјите-членки на ЕУ денеска во Луксембург дефинитивно не успеаја да се усогласат околу прашањето за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

Според „360 Степени“, темата се сели кај шефовите на држави и влади на ЕУ кои ќе се се состанат в четврток и петок во Брисел. Тоа било лично барање и на дел од лидерите на земјите-членки.

Откако во првиот дел од денешниот состанок станало јасно дека Франција не го прифаќа компромисниот нацрт-заклучок подготвен од Финаска и Европската комисија за носење одлука за отворање преговори и паралелно воведување нова методологија, претседавачите со Советот подоцна се обиделе со раздвојување, да протуркаат зелено светло барем за земјава.

– Прашањето за отпочнување на преговорите ќе биде дискутирано од страна на лидерите на ЕУ на Самитот кон крајот на неделава, нагласи Тупураинен на прес-конференција во Луксембург по состанокот на Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, јави МИА.

Еврокомесарот за проширување во заминување Јоханес Хан, изјави дека „ова не беше најславниот момент на Европа“, додавајќи при тоа дека „значително мнозинство“ на членките на ЕУ ја поддржале препорака за отпочнување на преговорите со двете земји.

– Нема сомневање дека секое понатамошно одложување ќе наштети на нашата кредибилност на Западен Балкан и на нашите амбиции да станеме посилен глобален играч, додаде Хан.

Од друга страна, Холандија сака да го услови отворањето на преговорите со земјава со носењето на закон за јавно обвинителство, како што најави утрово шефот на холандската дипломатија Стеф Блок, пред почетокот на министерскиот состанок.

Доколку се дојде до договор за отпочнување на преговорите со Северна Македонија, Хаг би барал првата меѓувладина конференција да се одржи само откако ќе биде задоволено барањето за независно јавно обвинителство.

Дипломатите во Луксембург објаснуваат дека дури и да се постигне компромис за евентуално раздвојување на двете земји, многу се мали шансите тоа да биде сторено денеска, бидејќи француската државна секретарка нема мандат да носи таква одлука. Неа може да ја донесе само францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот на ЕУ в четврток и петок во Брисел.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...