Министер, па уште и за култура

1153

„Министерската функција за мене не е света“, ни вели министерот за култура Асаф Адеми. Изјава која „на прва“ ми разбуди насмевка, потоа ми се отворија „колумнистички дијалози“ (и обраќања): ој, море, министре, да се биде министер никогаш не може да биде „надполитичко“ прашање, како што министерување не може да биде „света“, „несвета“ или „пресвета“ работа. Асаф Адеми не е верски поглавица па да се занимава со „апориите“ на душата, туку е токму тоа, министер за култура кој треба да биде далеку подобар од претходниот министер на минатиот режим.

Сите знаевме, ако не знаевме тогаш интуитивно претпоставувавме дека после Роберт Алаѓозовски за следен министер ќе дојде некој анонимец во културата и ќе биде дел од постдемократска Македонија. Да, тој новопоставен министер за култура се вика Асаф Адеми. Но, тој е само еден мал сегмент од проблемот. Имено, владата на Заев е формирана со голема доза од наследен „институционален груевизам“, па после некакви политичко-коалициони поткусурувања, изборот падна Роберт Алаѓозовски да биде заменет со Асаф Адеми од партијата „Беса“, и за кого велат дека новиот министер е (со право!) залутан во својот ресор! Ми велат луѓето и други работи, покрај останатото, море, Јовановиќ, министерот е „душа од човек“, па уште ми велат дека бил од многу убава и честита фамилија, и ми велат уште дека министерот имал убава насмевка. Море, им велам, што не го ставите „министер за душа“, или  „министер за фамилија“, или „министер за убави насмевки“?

Навистина, тоа што министерот е „душа од човек“ е помалку бизарно во овој контекст, ама не е никаков грев, односно да се биде „душа од човек“ не е никаков министерски ангажман; во реалноста, човекот нема блага врска од театар, филм, музика, што само по себе не би смеело да го квалификува за управник на некој напуштен дом за култура во село Свирипичино, а камо ли министер на (цела) македонска култура! Човекот, едноставно е, неопеан дилетант, а тој срамен дилентатизам проговори од се’ што до сега (не)направи во културата! И внимавајте, тоа е, ви велам, само половина од проблемот, а другата половина е подеднакво опасна. А тоа се тие фамозни комисии. Со нив ќе се позанимаваме подолу.

Oвде ќе ги воведеме како новожарновски лик – комисиите за култура. Одобрените проекти (читај, 2.700 на број!), ако добро исчитувам (а исчитувам како со жилет, фала му на Бога!) се еден вид субвенција од министерството за култура до разни здруженија за ова-и-она. Првото прашање е: што овие здруженија работат и зошто се важни за македонската култура? Можеби се работи за смели Европско-прометејски визионери, сето во интерес на нашата Европска иднина, а бидејќи комисиите ги препознале визиите и агендите на здруженијата, фино-лепо им дале некоја паричка за да се продолжи делото на министерот со „проевропска душа од човек“. Само што реалноста, како и обично, е попрозаична.

Свесен сум дека Асаф Адеми е партиско решение на партијата „Беса“ од владата на Заев, поставен е на она место од кое ќе му направат „најмалку штета“ во политичка смисла. Во овој момент Заев поугледни луѓе во министерството за култура, што сега да се лажеме, нема (зборувам за луѓе кои се во неговиот партиски „бубањ“, овде не зборувам за независните културни работници). Таквиот дефицит е толку очигледен што македонската култура ја предаде на партијата „Беса“. Актуелниот министер некако е направен како сплет на околности и изнудување, а бидејќи македонската култура е место – со години наназад! – за поткусурување, се поставува човек со иста така некомпетенција, воден од исти такви во партијата Беса.

Е, сега, се поставува прашањето: дали Асаф Адеми треба да си поднесе оставка во министерството за култура? Не, не се работи за парите, почитувани. Не, не се работи ни за доделувањето на проекти на разна „здружена синекура“. Се разбира дека парите се важни во

оваа скапотија и сиромаштија; то ест, парите ќе станат важни тогаш кога ќе го решиме најважното прашање. А тоа прашање не е „дали има или нема пари“ (некои пари овде секогаш има), туку главното прашање треба да биде: ЗА ШТО ТИЕ ПАРИ СЕ ДАВААТ?! (не се сомневам дека ја приметувате дистинкцијата: ЗА ШТО, А НЕ КОМУ!)

Сега доѓаме до срцето на проблемот: „менторските“ комисии во министерството за култура. Тие луѓе, прилично непознати за пошироката јавност, очигледно е дека имаат некоја своја „скриена“ и јасна агенда. А таа агенда е: системско оттргнување или барем маргинализирање на оние луѓе (дела, програми, институции…) кои значат, создаваат и продуцираат модернизаторски и еманципаторски агенди ширејќи го дометот на македонската култура; бидејќи таквите луѓе ги оттргнаа од министерството за култура, се инсталираа сите оние ретроградни сили (во менталитетска смисла!) кои хараа изминативе години низ културниот, медиумскиот и политичкиот простор како пигмејски, провинциско-ждановистички опскурни ликови кои ќе бидат во служба на една пореметена и суицидална политика од која Македонија тешко и мачно ќе се опоравува во 21 век. Да бидеме на чисто: тоа што во претходната инкарнација на министерството работеа луѓе од режимот на Груевски не го работеа од незнаење (немојте да си ласкате!), туку напротив:работеа на многу јасни и конкретни агенди. Може да ви биде одвратно (мене се’ ми е одвратно), ама не може да им се замери лично: тие го исполнуваа својот идеолошки програм.

Значи, сегашниот министер не може да се однесува како минатиот министер за култура: „Фуј, бре, гнасна политика“,  и што има сега да си ги валка рачињата, туку треба многу одлучно да се справи со сите лудила и злоупотреби во министерството кои неговите претходници ги направија (мислам на минатиот режим, не мислам на епизодната министерска улога на Роберт Алаѓозовски за која и тој, за волја на вистина, можеше многу повеќе, ама некако „шлајфаше во место“).

Не, пријатели мои, да се биде министер не може да биде „надполитичко“ прашање; не, да се биде министер на било што не може да се гледа од страна и да не се преземаат мерки и чистат свинштините од претходниот режим: затоа што пораката е јасна – немам што и за што да му верувам на сегашниот министер Асаф Адеми, без разлика колку бил „душа од човек“. Едноставно, така тие работи не функционираат. А како ќе функционираат: едноставно министерот за култура треба да ги врати сите луѓе кои им даде отказни решенија (или самите си заминаа), да ги послуша што има да му кажат, и да се обидат малку-од-малку да го вратат министерството за култура во нормала.

На крајот, сакам да кажам уште нешто важно. Ако на министерот му е важна културата, и ако се затекнал тука кајшто е, тогаш треба да работи со најдобрите луѓе од културата, така што ќе даде јасна политичка порака дека оваа влада не е како претходната. Во двата случаи, треба да се работи на системот на вредности во кои тврдо се верува, и треба да се работи на тоа да се докаже дека оваа влада е сосема спротивна од претходната – не само на зборови, туку и со дела. Јас не знам колку Адеми е свесен за сето ова, ама сигурен сум дека многу други не се.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...