Министерство за правда: Оштетените во „Сопот“ судски да ги остварат своите права

179

Министерството за правда ги упатува оштетените во случајот „Сопот“ на судско остварување на нивните права.

– Во Министерството за правда нема нивни одбивања. Согласно постапката, оние кои бараат отштета, треба да имаат судска одлука дека биле неправедно притворени. Во тој случај тие се обраќаат до Министерството за правда за спогодба, рече министерката за правда Рената Дескоска одговарајќи на новинарско прашање пред денешната дебата за Предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.

Со оглед на тоа, појасни Дескоска, што нема критериуми врз основа на кои може да се направи таа спогодба ние ги упатуваме на судско остварување на правата.

– Тоа е стандардна процедура што оди буквално за сите и нема посебни принципи кои би важеле за овој конкретен случај, рече Дескоска.

Случајот „Сопот” е од 2003 години, кога двајца полски војници и еден македонски државјанин загинаа, откако теренско возило на НАТО нагази на мина на локалниот пат Сушево – Сопот.

Во овој случај десет лица беа осудени за тероризам, односно дека подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево – Сопот.

Осомничените беа ослободени од обвинение на почетокот на годинава кога Специјалното јавно обвинителство ги прогласи за невини.

На прашање за екстрадициите на Горан Грујевски и Никола Бошкоски од Грција, како и на Африм Исмаиловиќ и Алил Демири од Косово, Дескоска рече дека од грчкото Министерство за правда се уште нема извесување на ургенцијата што ја испратиле, а во Косово е испратено барањето со образложение, но ни од таму немаме одговор.

– За сите постапки што одат за екстрадиција, доколку немаме одговор ние поднесуваме барање, односно ургенција да се процесуира случајот, рече таа.

Тоа, како што истакна Дескоска, го направиле во случајот со Драган Даравелски, а сега се прави и со Грција.

За „Монструм“, како што посочи Дескоска, се уште не пуштиле ургенција, затоа што сметаат дека рокот за одговарање е пристоен но, како што рече, доколку подолго време не добијат одговор ќе побараат и од кај нив ургениција.

Дескоска, одговарајќи на новинарски прашања, истакна дека досега во Министерството за правда не се подготвени уставни измени.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...