Со досегашниот несериозен однос во процесот на носење на законот за Јавното обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ покажа дека амнестијата на сторители на сериозни кривични дела од редовите на нивната партија им е поважна цел од европската иднина на нашите граѓани, оцени попладнево Министерството за правда.
Преку соопштение Министерството наведува дека до нив наместо конкретни амандмани и предлози за законот за Јавно обвинителство, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ е пристигнат документ насловен „Принципи и насоки на ВМРО-ДПМНЕ во донесувањето на Закон за Јавното обвинителство“.
– Во него се наброени меѓународни документи, од кои дел не се однесуваат на Јавното обвинителство, а останатиот дел се веќе имплементирани во истиот закон. Согласно средбата на работна група, ВМРО-ДПМНЕ требаше да достави конкретни амандмани со кои би се понудиле алтернативни решенија на Предлог-законот, кој е во собраниска процедура. Очигледно, ВМРО-ДПМНЕ во недостаток на аргументи и подобри решенија за одредбите кои се однесуваат на Јавното обвинителство во целина, одбра есеистички пристап со единствена цел да го одолговлечи процесот на носење на Законот за Јавното обвинителство, оценува Министерството за правда.
Оттаму информираат дека во документот се наведени три барања и тоа – изборот на јавен обвинител да биде на предлог на опозицијата, прекинување на сите постапки кои се покренати од СЈО по 30 јуни 2017 година и СЈО да биде организирано како одделение во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во однос на првото барање од Министерството за правда упатуваат на решенијата во Уставот каде е прецизирано кој го предлага јавниот обвинител и со какво мнозинство тој се избира, додека во однос на второто барање оценуваат дека „тоа практично значи признавање на постоење на криминал и барање на амнестија“.
Во врска со третото барање, од ресорното Министерство наведуваат дека тоа би значело разводнување на капацитетите кои СЈО веќе ги поседува и ослабување на ефикасните механизми за борба против криминалот и корупцијата.
– Во рамки на третото барање е содржан предлог за „испитување на претходни коруптивни и инкриминирани дејствија кои за македонската јавност останаа неразјаснети“. Во врска со ова барање, потсетуваме дека Законот за Јавното обвинителство содржи одредби со кои СЈО ќе биде овластено да гони коруптивни дела сторени од сите јавни функционери и таа надлежност ќе има право да ја врши како за идни кривични дека, така и за сите минати кривични дела кои не се застарени, појаснуваат од Министерството за правда.