Билјана Бришковска Бошковски не е предложена од Министерството за правда, ниту има решение дека е во некоја работна група, вели за Плусинфо Бесим Шакири, портпарол на Министерството за правда во врска со пишувањата дека обвинетата поранешната заменичка во ресорот правда од ВМРО – ДПМНЕ е член на работната група за измени во кривичното законодавство.
Бришковска, како што дознаваме, била поставена само како контакт лице од ВМРО – ДПМНЕ за учество на нивни претставници во работните групи во Советот за реформи во судството, но тоа не значи дека е дел од работните групи, затоа што, како што објаснуваат во Министерството за правда, немала ни решение за тоа.
Реакцијата се однесува на пишувањата дека Бришковска Бошковски е дел од работната група што ја формирало Министерството за правда за измени на Законот за кривична постапка (ЗКП) и на Кривичниот законик (КЗ) и покрај тоа што против неа како и против нејзиниот сопруг, СЈО има покренато три обвиненија и ја товари за изборни измами во предметот „Титаник“ во кој е обвинето и целото раководство на ВМРО ДПМНЕ. Дејан, сопругот на Бошковска, пак, е обвинет за набавки и тендери додека бил директор во ЕЛЕМ.