Министерство за здравство до ВМРО – ДПМНЕ: Имавте 11 години за изградба на клинички центар, нашата постапка е законска

229

Целата постапка за новиот Клинички центар се реализира во согласност сите важечки закони и прописи во Македонија, реагира Министерството за здравство на изјавата на Игор Николов од ВМРО – ДПМНЕ.

„Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа основно непознавање на позитивните законски прописи во Република Северна Македонија. Во врска со денешната прес-конференција, го потенцираме следното: Оваа Влада води вистинска грижа за пациентите и ја почна постапката за јавна набавка за изградба на нов универзитетски клинички центар, за пациентите да добијат достоинствени услови за престој во болница, како и вработените да имаат најдобри и современи услови за работа.

За изградбата на нов Клинички центар не е распишан „тендер”, туку постапка со конкурентен дијалог согласно Законот за јавните набавки. Истата е објавена на почеток на месец август и во оваа фаза на дијалогот проектот предизвикува огромен интерес од голем број реномирани домашни и светски компании. Сосема е разбирливо и очекувано, а самото име кажува, дека при постапка со конкурентен дијалог, поставување на прашања за дообјаснување е потребно да ги има во поголем број. Сите прашања од економските оператори се добредојдени и одговорени. Конкурентниот дијалог се води јавно и транспарентно преку електронскиот систем за јавни набавки, каде комплетната документација е достапна.

ВМРО-ДПМНЕ ги поканивме неколку пати да учествуваат и да ја следат работата на сите тела вклучени во проектот, а наместо да се вклучат и да може да даваат сугестии решија да играат на картата добивање на политички поени што во случајов нема да функционира дека проектот е целосно транспарентен

Со свое мислење се произнесе и Државната комисија за жалби по јавни набавки која е независна и самостојна во својата работа. Постапувајќи по службена должност даде свои коментари и насоки за постапување. По истите е веднаш постапено и документацијата е повторно објавена и повторно отворена за прашања.

Претходната Влада имаше 11 години можност за изградба на нов клинички центар. Владата на Република Северна Македонија е првата Влада која вистински е ангажирана и посветена за граѓаните да имаат нов клинички центар. Владата на Република Северна Македонија продолжува да води грижа за граѓаните да добијат достоинствени услови за престој во болница и современи услови за работа“, се вели во реакцијата на Министерството за здравство и се додава дека тие се отворени и транспарентни за појаснување или одговарање на прашања и дилеми поврзани со изградбата на новиот Клинички центар во Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...