Министерот Филипче го разреши директорот Ваљон Беља

3348

Министерот за здравство Венко Филипче денеска го разреши економскиот директор на Гинекологија Ваљон Беља.

Економскиот директор Беља, во пост на Фејсбук вчера ја обвини својата колешка Викторија Јовановска, директорка на Гинекологија за незаконски јавни набавки и дека фаворизирала компанија која врши лабораторски тестови и се закани дека за случајот ќе го информира Јавното обвинителство.

Јовановска денеска најави дека ќе поднесе кривична пријава за клевета и навреда за, како што рече, изнесените невистини и откри дека во позадината на случајот стои барање од Беља да ангажира негови луѓе од Општината Чаир.

– Tој од мене бараше на двајцата негови советници, кои се на платен список во Oпштина Чаир, а кај нас на Kлиниката се веќе шест месеци ангажирани со  договор на дело, да им ги продолжам договорите, а во спротивно ќе пуштал „бомби“ – вели директорката Јовановска.

Попладнево Филипче се очекува да ги сослуша двете страни, директорката на Гинекологија Јовановска и разрешениот Беља.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...