Министерот Адеми се сретна со претседателот на шпанското Здружение на автори и издавачи

43

Министерот за култура, Асаф Адеми, денеска се сретна со претседателот на шпанското Здружение на автори и издавачи (SGAE), Фабиана Буенавентура Канино, на која присуствуваше и амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Македонија Емилио Лорецо Сера и повеќе експерти од оваа област.

На средбата, соопштија од Министерството за култура, Адеми и гостинката од Шпанија, која е член и на бордовите на Светска организација за интелектуална сопственост и на Здружението за заштита на аудиовизуелната сопственост, размениле мислења и ставови поврзани со заштитата на авторското право и сродните права, како и со измените и дополнувањата на нашиот Закон за авторското право и сродните права, во контекст на негово усогласување со законодавството на ЕУ.

Буенавентура Канино на средбата потенцирала дека Здружението на автори и издавачи (SGAE) е приватен субјект кој со своето долгогодишно искуство е посветен токму на одбраната и колективно управување на правата на интелектуална сопственост на своите над 120.000 членови.

Имајќи ја предвид потребата од донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права кој ќе биде усогласен со законодавството на ЕУ, министерот Адеми подвлекол дека истиот целосно ќе создаде услови за непречено остварување на авторското право и сродните права, особено во делот на колективното управување.

Тој додал дека Министерството за култура, во најтранспарентна постапка, ги зема предвид и ставовите на  сите засегнати страни (носители на права и корисници) во процесот на донесување на измените на Законот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...