Минималната плата од 14.500 денари ќе помине во Собранието иако опозицијата смета дека е популистичка мерка

671

Собранието ја почна дебатата за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, по скратена постапка.

Пратениците најавија дека ќе гласаат за законот за минимална плата која треба да изнесува 14.500 денари, но опозицијата и покрај ставот дека ќе го поддржи законот изнесе забелешки. Претседателот на Собранието Талат Џафери ги предупреди пратениците да не ја користат говорницата за предизборна кампања, бидејќи изборите се уште не се распишани, а кампањата не е започната.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржат законот, но сметаат дека тоа е популистичка мерка пред избори и оти не е објаснето како е стасано до сумата од 14.500 денари бидејќи не е приложена никаква анализа.

– Ќе го поддржиме и ќе го гласаме законот, но нашите забелешки се за периодот кога се носи, долгорочноста на ова законско решение базирано не само врз основа на наши проценки туку и на други институции кои го анализирале законското решение и целокупната економска состојба во државата и самата процедурата на носење, рече Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од опозицијата сметаат дека нема потреба ваквото законско решение да се носи по скратена постапка и дека голем дел од законите, иако во минатото имаше забелешки за тоа, во Собранието се носат по скратена постапка.

Заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар рече дека за носење на овој Предлог-закон за минимална плата е дискутирано на Економско социјално совет и дека се консултирани сите засегнати страни.

Пратеничката Снежана Ванчевска Калевска од СДСМ рече дека зголемувањето на минималната плата е само продолжување на она што значи конзистетна политика на оваа власт, а тоа е вложување во човечкиот капитал што секако мора да започне и со покачување на минималната плата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митровски ги отфрли тврдењата дека станува збор за популистичка мерка на власта, имајќи предвид дека законското решение е поднесено на 5 ноември пред и воопшто да стане збор за предвремени избори.

– Рековме дека до крај на мандатот минималната плата ќе достигне 16.000 денари, а тоа ќе биде. Крајот на маднатот е крајот на декември 2020 година – рече Митровски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...