Милчо Манчевски во жири со Изабел Ипер и Абел Ферара на Филмскиот фестивал во Кина

Фестивалот привлече големо медиумско вниманите од азиските и светските медиуми.Манчевски и колегите ја оценуваа главната селекција од 13 меѓународни филмови, а наградата Златен кокос ја доделија на кинескиот филм „Балон“.

220
SANYA, CHINA - DECEMBER 08: (L - R) Documentary producer Aruna Vasudev, director Milcho Manchevski, actress Isabelle Huppert, actress Jiang Wenli and director Chen Sicheng arrive at the red carpet during closing ceremony of 2nd Hainan Island International Film Festival at Phoenix Island International Cruise Terminal on December 8, 2019 in Sanya, Hainan Province of China. (Photo by VCG/VCG via Getty Images)

Најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски изминатава недела беше во жирито на Интернационалниот филмски фестивал во Хаинан, Кина, заедно со француската филмска ѕвезда Изабел Ипер и култниот американски режисер Абел Ферара. Ипер беше на чело на 7-членото жири со врвни светски филмски професионалци на фестивалот кој се одржува на кинескиот туристички остров Хаинан, познат и како „Кинески Хаваи“.

Ова е нов фестивал, лансиран минатата година со ѕвездите Џони Деп, Жилиет Бинош, Мадс Микелсен, Николас Кејџ и Џеки Чен, а на годинашното второ издание на црвениот килим прошетаа и холивудската ѕвезда Итан Хок, иранскиот оскаровец Асгар Ферхади, оперската дива Сара Брајтман и голем број азиски филмски и музички ѕвезди.

Куриозитет на фестивалот е тоа што филмските проекции се одржуваат на отворено во огромното гледалиште на една од најпознатите азиски плажи во градот Санја.

Фестивалот привлече големо медиумско вниманите од азиските и светските медиуми.
Манчевски и колегите ја оценуваа главната селекција од 13 меѓународни филмови, а наградата Златен кокос ја доделија на кинескиот филм „Балон“. Кинеските медиуми пренесуваат дека претседателката на жирото Изабел Ипер рече дека филмот е нејзино семејство и иако сите сме од различни култури и земји, сите сме обединети кога станува збор за уметноста, а Манчевски рече дека за еден филм единствено е важно да ти го допре срцето.

Милчо Манчевски е многу почитуван уметник во Кина и неговите дела се многу познати во оваа земја. Во 2017 година Манчевски беше првиот македонски уметник со сеопфатно претставување во Азија. Тогаш, на јубилејното 20. издание на Филмскиот фестивал во Шангај беа прикажани сите негови филмови, тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот, а наедно, одржа и мастерклас на Универзитетот во Шангај, беше отворена и негова изложба фотографии, а беше промовирана и негова книга што е издадена во Кина.

Манчевски и Ипер по вторпат се среќаваат во Кина, отакако на фестивалот во Шагај во 2017 година тие заедно во улога на презентери на сцената ја објавија и главната филмска награда.

Минатиот месец Манчевски гостуваше и во Тајван, каде на филмскиот фестивал во Тајпеј неговиот најнов филм „Врба“ имаше азиска премиера, а беше и фестивалски автор во фокусот и имаше и ретроспектива на филмовите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...