Милчин за „Слободен печат“: Што му значи тоа „со фанатизам“ на Ахмети? Со калашникови?

1145

Вклучувањето на Рамковниот договор во Преамбулата на Уставот не е услов за членство во НАТО и за отпочнување преговори со ЕУ. Тој потег можам да го протолкувам само како последица на условување од страна на Али Ахмети, кој веќе најави и барање за консензуален претседател, за што тој и неговите ќе се бореле „со фанатизам“. Што ли му значи тоа „со фанатизам“? Со калашникови?

Рамковниот договор денес значи само тоа дека функционерите на ДУИ се заштитени мечки кои добиваат плата и кога не се појавуваат на работа, вели режисерот Владимир Милчин во интервју за весникот „Слободен печат“.

На прашање дали смета дека патот кон ЕУ и НАТО за Македонија дефинитивно е отворен, по гласањето за уставните промени, Милчин вели дека денес ништо не е дефинитивно.

– Ништо не е дефинитивно, не само за нас, туку и за ЕУ, за НАТО, па дури и за човештвото. Национализмот повампирен во фашизам одново маршира среде Европа. Либералната демократија се покрева под налетот на крајната десница, а левицата сè уште нема ефикасен одговор. Во Јемен се случува катастрофа со апокалиптички димензии во која гладот е инструмент за истребување. Нема гаранции дека грчкиот парламент ќе го ратификува договорот од Преспа дури и доколку Собранието на Република Македонија го усвои новото име на државата заедно со другите амандмани. Не знам дали некој во владата и во СДСМ направил анализа за последиците на таквиот крај на неколкумесечната агонија? Не сум убеден дека ќе биде доволно едно пиши-бриши за да се санираат последиците од изнудената промена на името и на Уставот на Република Македонија – вели Милчин за печатеното викенд издание на „Слободен печат“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...