Тројца ученици од Земјоделско шумарското училиште „Ѓорче Петров“ во Кавадарци се апсолутни шампиони за земјоделски активности на италијанската фарма Сполето, за МИА информираа денеска професорите кои заедно со нив беа во Италија. Тие нагласија дека претставниците од ова училиште биле најдобри од досега поминати 123 групи на ученици од цела Европа, кои изминатите 20 години биле на оваа фарма.
– Милутин Коцинац е најдобар во производство (мелење) на брашно, Александар Лазаровски во селекција на пченица, Ристе Јанчев е најдобриот оператор на моторна пила – соопшти професорот Деан Илков.
Тој нагласи дека со ова уште еднаш се потврдува спремноста на нивните ученици околу изведување на стручните активности. Не заборави да потсети дека од ова училиште излегле голем број кадри кои се успешни на своите работни места, но и во сопствените бизниси.
Професорката Сања Ацева додаде дека петнаесетдневната посета во италијанската област Умбриа беше во рамките на проект кој е дел од Еразмус+ програмата, насловен „Зелен чувар за агротуризам“. Фармата ја посетија 16 ученици од кавадаречкото училиште. Во него се школуваат средношколци од различни краеви на нашата држава.