Нова средба за Законот за јавно обвинителство можно е да има утре, изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.
– Очекувавме да има вчера. Спремни бевме и денеска, но гледаме дека власта од можеби објективни или субјективни причини не брза. Ни беше најавено дека можно е да имаме средба утре. Доколку се расположени и спремни, ние немаме никаков проблем да ја одржиме – изјави Милошоски.
Во однос на нивните очекувања од евентуалната средба, Милошоски рече дека очекуваат СДСМ да го прифати тоа што веќе начелно го прифатиле како концепт на 30 август годинава.
– Очекуваме СДСМ понатаму да не го пролонгира и да не купува време, да не го одолговлекува донесувањето на овој важен закон – изјави Милошоски.
За црвените линии при изборот на обвинител, посочи дека треба да биде некој стручен, чесен, со личен интегритет, повисок просек на факултет и да може да ја добие довербата на јавноста и политичките чинители во неговата работа.