Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски утре во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција треба да ги предаде снимките што вчера ги објави на прес-конференција во врска со поранешниот премиер Зоран Заев.
Милошоски на прес-конференција ја објави втората аудио снимка, во која, како што рече се слуша гласот на Заев, како тој како премиер носел одлуки во име на Врховниот суд и на СЈО и оти бил во дослух со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за сите нејзини одлуки.
Првата „бомба“ Милошоски ја пушти за време на расправата во собраниската Комисија за европски прашања, на која се разгледуваше Предлог законот за Јавно обвинителство. На снимката, наводно, Заев разговара со друго лице за финансирање на телевизијата на првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски.