Милошоски тврди дека Цветанка му ја зела работата на Џафери за да спречи истрага за СЈО

1130

Станува очигледно дека владејачката коалиција СДСМ и ДУИ заедно, се повеќе се плашат од тоа да дозволат на пратениците да направат увид во СЈО, тврди пратеникот Антонио Милошоски кој денеска на прес конференција откри дека на допис на кој по службена должност треба да се потпише собранискиот спикер Талат Џафери, била потпишана Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието.   

Станува збор за барањето на опозициската партија – Анкетна комисија за работата на СЈО, кое Собранието го одбило.

– Вчера, добивме еден прилично банален допис со неосновани технички образложенија од страна  на господинот Талат Џафери кој што вика дека предлог одлуката за анкетната комисија ја враќа на подносителите. Наводно, заради одредени недостатоци, ги видовме сите оние нешта кои што тој ги споменал како недостатоци и нема ниту еден деловнички, пропуштен, суштински дел од предлог одлуката кој што може да се смета за сериозен недостаток. Напротив, предлог одлуката за формирање на анкетна комисија по содржина и структура е иста со предлог одлуката за анкетна комисија која што господинот Талат Џафери во претходниот состав ја поднесе за формирање анкетна комисија за прислушкувањето. Нема никаква разлика – објасни Милошоски.

Тој тврди дека има информација од собраниските служби, а и од самиот ракопис на овој предлог за враќање на одлуката за формирање на анкетна комисија дека ова не е ракописот на Талат Џафери.

– Ова е ракописот на Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието или на некој близок советник на СДСМ кој што Талат Џафери морал да го послуша и да го потпише и да го врати предлогот за формирање на анкетна комисија затоа што очигледно и Талат Џафери е седнат во скутот на владејачката партија. Од кои интереси, дали се тоа лични, фамилијарни, политички, партиски, следниот период сигурни сме дека тоа набрзо ќе го докажат – прашува Милошоски.  

Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од оваа намера и дека ќе ги искористи сите можни деловнички процедури, темата анкетна комисија за СЈО и увидот и дискусијата за работата на незаконско, нестручно и несовесно работење на СЈО да дојде на дневен ред на собраниската седница, порано или покасно.

– Сметаме дека власта доколку држи до својот глас за разрешување на Катица Јанева за незаконско, несовесно и нестручно работење треба да дозволи формирање на анкетна комисија и треба да дозволи расправа за оваа точка па ако сакаат СДСМ и ДУИ нека гласаат против. Ако имаат доволно аргументи дека СЈО работело законито, дека Катица Јанева работела совесно, стручно и законски, ќе имаме расправа на дневен ред и на пленарната седница нека се изјаснат нека гласаат воздржано или против, но нека не го ускратуваат правото да се расправа за ова и да ги понудиме аргументите во таа насока – додаде Милошоски.

Тој ги повика Талат Џафери, Цветанка Иванова и СДСМ да размислат да не го штитат веќе механизмот кој што може на сите нас да ни помогне, темата незаконско работење на СЈО да ја истражиме и да ја дадеме на увид на сите граѓани затоа што 15 милиони евра од граѓаните на Република Македонија плус донации од Шведска, Холандија и Америка се потрошени за работата на СЈО, а голем дел од нив сметаме дека се потрошени незаконски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...