Премиерот Зоран Заев, оддал тајна дека се води предистрага во случајот „Рекет 2“ и прекршил два члена (289 и 299) од Законот за кривична постапка според кој истрагите треба да бидат тајни и дека мора да се заштитат осомничените и нивните семејства, обвини денеска на пратенички прашања Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО – ДПМНЕ.
Тој во своето образложение на тврдењето дека премиерот ја минирал истрагата за „Рекет 2“ и дека на средба пред странскиот инвестирот и пред шведскио амбасадор кажал дека се води истрага против домашна компанија, потсети на изјава на премиерот дадена на 30 септември. Заев, во одговор на новинарско прашање во врска со случајот Рекет 2“ – за инвестирање на шведскиот „Диаверум“ во центрите за дијализа „Диамед“, како шо рече Милошоски, рекол дека е чесно, логично и одговорно секој инвеститор да го запознаат со сите информации во интерес на привлекување странски инвеститори, иако знаел дека истрагата не е затворена.
– Прекршен е Законот за кривична постапка со тоа што е оддадена тајна за предистрага за домашната компанија – рече Милошоски кој праша како информацијата за истрагата во „Рекет 2 “ стасала до премиерот.
Дали има тесна координација и соработка со Јавното обвинителство, дали тоа редовно го информира за истраги и предистраги премиерот на негово барање, а со тоа се нарушува неговата независност ?, праша Милошоски.
На тоа премиерот Зоран Заев одговори дека нема намера да бара податоци за предистраги или истраги и дека тоа не во доменот на неговиот интерес.
– Ако опозицијата се обрати до мене и побара одредени одговори, дали е тоа доказ дека ние имаме тајна соработка – праша премиерот Зоран Заев одговарајќи му на пратеникот Антонио Милошоски.
Според Заев, чесно е инвеститорот, странски или домашен, да биде информиран кога доаѓа заедно со амбасадорот и бара информација од државата.
– Се работи, рече, за голема инвестиција вредна милиони евра. И јавноста знае дека во моментов поради таа истрага се блокирани 11 милиони евра и логично е потенцијалниот инвеститор да знае со што се може да се соочи – смета премиерот.
Тој објасни дека кога се обраќаат до државните институции претставници од правосудството, од судот или од ОЈО, автоматски се добива информација дека некаде се води предистрага.
– Кога побара амбасадорот на Шведска да примам потенцијални инвеститори кај мене, во присуство на министерот за здравство и директорот на ФЗОМ, тогаш и научив дека се бара информација која институцијата што ја бара, Обвинителството, вели дека е за потреби за предистрагата. Апсолутно сте свесен дека се води истрага. И кога ќе дојде потенцијален инвеститор, логично е да го запознаете дека за нешто се води истрага. И до тука кажувате. Не можете да кажете дали истрагата ќе заврши со затворање на предметот, со обвинителен акт или слично – одовори премиерот Заев и повика да се остави преку факти во истрагата да се дојде до вистината.
– Предметот побуди интерес на јавноста уште во 2014 година кога е склучен, кога е направена постапката, нека се утврдат овие факти. Никој немал намера ниту нешто да спречи, ниту нешто да направи – му одговори Заев на Милошоски.