Собраниската Комисија за надворешна политика ниту по паузата не ја започна седницата на која излагање за остварувањето на меѓународната политика требаше да има министерот за надворешни работи Никола Димитров. Претседателот на Комисијата Антонијо Милошоски рече дека седницата ќе продолжи со работа кога пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат ќе ги добијат класифицираните материјали од две лидерски средби одржани кај претседателот на Република Македонија. Тој информираше дека пратениците со писмо ќе ги побараат овие материјали кои, според него, се наоѓаат кај генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова. Продолжението го закажа за в понеделник.
– Се надевам дека ова деловничко право што го имаме како пратеници ќе ни биде задоволено во најскоро време, за да може да започнеме со работа на седницата на Комисијата за надворешна политика – рече Милошоски.
На ова реагираше пратеничката Ивана Туфегџиќ која рече дека нема проблем Комисијата да почне со работа по излагањето на министерот Димитров.
– Материјалите кои ги споменавте не се дел од оваа точка. Министерот може да има експозе, бидејќи неговиот извештај не содржи класифицирани материјали – рече таа.
Милошоски не го прифати предлогот на колешката.
Претходно, седницата на Комисијата трипати беше одложувана од истата причина, односно барање посочените материјали да бидат доставени до пратениците.
Недоставувањето, според Милошоски, значи дека владејачкото мнозинство нешто крие и остава простор за сомнеж.
Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, го предупредија дека на ваков начин по изнесување детали од класифицирани материјали прави кривично дело, како и дека кривично дело е доколку тој имал увид во тие материјали, а нема безбедносен сертификат.