Заврши средбата меѓу претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во врска со Предлог-законот за јавното обвинителство со кој треба да се регулира и статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
На средбата во Владата партиите се договориле да излезат со усогласени ставови и да не изнесуваат повеќе информации додека не се постигне конечен договор.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски за „Република“ изјави дека средбата била конструктивна и дека се договориле „околу финансирањето на обвинитеството и за поголема одговорност на обвинителите“.
– Задоволни сме од средбата, затоа што беше продуктивна. Се постигнаа приближувања на ставовите по две точки од областа за обвинителството. Првата точка за која разговаравме беше зголемување на буџетот на целото јавно обвинителство, со тоа што утврдувањето на конечниот процент би го утврдиле по дополнителни консултации со Министерството за финансии – вели Милошоски за „Република“.
Втората тема за која е постигната согласност е да се зголеми и индивидуалната и колективна одговорност на обвинителите, односно обвинителствата.
Нова средба ќе има деновиве пред Илинден.