Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО -ДПМНЕ, на денешната собраниска седница го праша премиерот Зоран Заев, да објасни каде ги запознал и поради што ги поставил за советници Александар Ружин, кој добива плата од 50.000 денари и Љупчо Зафировски, кој зема плата од 75.000 денари и како овие двајца советници ги оправдуваат своите високи плати.
– Како овие советници ги заработуваат своите високи плати или се само ваши платени фалбаџии. Со државни пари поткупувате јавно мислење, бидејќи овие луѓе и нивни блиски секој ден се појавуваат на медиуми како ескперти и ја фалат Владата – го праша Милошоски Заев.
Милошоски му забележа на премиерот Заев дека не можел да најде никакви податоци за советникот Зафировски, а потсети дека единствено што се знае за Александар Ружин е дека е син на професорот Нано Ружин, како и тоа дека има фирма за автомобилски гуми.
Премиерот Заев одговори дека двајцата советници се поставени на местата затоа што со своите претходни контакти и конекции можат да ѝ помогнат на земјата во олеснувањето на комуникацијата и привлекувањето на странски инвестиции. Заев, рече дека Ружин, своите студии ги завршил во Франција и имал добри контакти кои сега може да ги искористи.
– Александар Ружин е син на поранешниот амбасадот Нано Ружин. Се работи за личност, која се образова во Франција и има задача да помогне во соработката со Франција, работиме на неколку проекти, работиме на странските инвестиции, заедно со градоначалниците е вклучен во ТИРЗ зоната и во привлекувањето на други компании. Истовремено, конекциите што ги има, овозможуваат олеснување и на други постапки – рече Заев.
Во врска со ангажманот на Зафировски, Заев откри дека тој живее во Париз и имал контакти со луѓе од кабинетот на Макрон, со што може многу да помогне во комуникацијата со високи претставници во политичкиот живот на Франција.
– Зафировски има има врски во дипломатскиот дел до кабинетот на Макрон и со Владата во Франција, која има малку информации за она што се случува тука. Некогаш се потребни повеќе информации за да го привлечеме кабинетот на Макрон на наша страна. Знаете дека Франција, Холандија и Данска имаа резерва за проширувањето на ЕУ. Неговиот ангажман е поголем затоа што поголем дел поминува во Франција, трошоците таму се поголеми и законот го дозволува тоа. Затоа е таа сума – рече Заев.
На ова Милошоски забележа дека ако Заев сакал да ангажира некој кој навистина ќе помогне да се унапреди комуникацијата со Франција требало да ја ангажира Илинка Митрева.