Антонијо Милошоски, пратеник и дел од тимот на ВМРО-ДПМНЕ за преговори за законот за јавното обвинителство демантира дека продолжиле преговорите на работната група. Тој за Плусинфо вели дека таква средба за денеска не е планирана. Реакцијата на Милошоски доаѓа по изјавата на пратеникот на СДСМ Хари Локвенец дека работната група за законот за јавното обвинителство продолжила со работа.
– Денеска ниту имаше, ниту е планирана средба на работните групи. Мислам дека изјавата на пратеникот Локвенец се должи на неговата неинформираност.
Претходно Локвенец изјави дека работните групи работат за усогласување на ставовите поврзани со законот за јавно обвинителство.
– Тоа само по себе покажува дека даваме максимални напори за усогласување на ставовите за обезбедување на двотретинското мнозинство, всушност консензуално решение на овој проблем, сакајќи заеднички да го креираме законот кој треба да се донесе, а е поврзан со јавното обвинителство. Им даваме шанса на преговорите – изјави Локвенец одговарајќи на новинарско прашање.