Републичкиот судски совет (РСС) треба да поведе постапка за нестручно работење на судијата Ставрев поради повторување на постапката во случајот ТНТ, предлага пратеникот Антонио Милошоски.
Овој предлог Милошоски го објави на Фејсбук:
„Деновиве случајот ТНТ освен по својата содржина, стана актуелен и по писмената оставка на судијата – поротник, заради спреченост преку истек на мандат и законски навршени години. Со тоа судењето почнува од почеток и ќе трае уште две години. И доколку се слушаат изјавите на странките во спорот и нивните застапници тогаш се извлекуваат различни заклучоци за тоа кој е одговорен за ваквиот пропуст во постапката.
Но, законот за кривична постапка е прецизен и одговорноста за ваквиот суштински пропуст во судењето за предметот “ТНТ” ја лоцира кај судијата Огнен Ставрев, како претседател на судечкиот совет. Според членот 349 од ЗКП точно претседателот на судечкиот совет Ставрев имал одговорност да побара од претседателот на судот (Џолев) да определи еден или двајца судии – поротници како замена, доколку е веројатно дека главната расправа ќе трае подолго. А со толку многу докази, вештачења, бројот на обвинети и уште поголемиот број на сведоци, како и со имањето на податоците за возраста на поротничката, судијата Ставрев можел и морал да знае дека главната расправа за “ТНТ” ќе трае подолго.
Затоа, повторувањето на постапката за „ТНТ” е исклучива грешка на судијата Ставрев, заради неговото лошо менаџирање и ненавременото и немарно вршење на судската функција во водењето на постапката.
Согласно тоа, сега на потег е Републичкиот судски совет, кој согласно членот 75 од Законот за судовите, по иницијатива од Претседателот на РСС Киро Здравев, треба да поведе постапка за нестручно/ненавремено работење на судијата Огнен Ставрев. На таков начин судските тела самостојно ќе покажат капацитет за примена на законите кои се однесуваат на судиите и со тоа ќе ги намалат прозивките за „ветинг” кој други надворешни фактори би им го наметнувале на судиите како независна власт“.