Правната неписменост на Владата денеска заврши со Комисија за законодавно-правни прашања, во која мнозинство имаа владејачката СДСМ и ДУИ кои донесоа заклучок дека нема потреба од автентично толкување на членот 11, бидејќи таков член воопшто не постои, изјави денеска на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Миолошоски.
– Зошто е ваквиот исход на СДСМ и нивните коалициски партнери, затоа што во последен момент станаа свесни дека опозицијата нема да се однесува на начин што ќе им овозможи тие да прават некакви изговори, и затоа што сфатија дека доколку Комисијата и Собранието донесат автентично мислење и толкување дека Членот 11 од Законот за помилување не постои, тој автоматски ќе мора да стане составен дел, односно да се избрише од Законот за помилување од 1993 година наваму. И тоа значи дека единствениот политичар корисник на Членот 11 од Законот за помилување, премиерот Заев, ќе немаше помилување и случајот „Глобал“ од 2008 година ќе мораше повторно да се отвори – рече Милошоски.
Тој оцени дека Владата и парламентарното мнозинство немаат добра координација и со оваа Влада, како што рече, не само граѓаните туку и целиот политички систем живее во една правна несигурност.
– После ваквото фијаско и конфузија сметаме дека СДСМ и аболицираниот Заев е корисно да одговорат на прашањата кои не им се омилени – зошто Заев не прифаќа иницијатива да се донесе закон во кој аболицирани политичари нема да можат во иднина да се занимаваат со политика или со вршење јавна дејност. Зошто Заев избегнува да се измени Законот за помилување каде што било кој политичар ниту сега ниту во иднина нема да може да му се даде помилување. И зошто Зоран Заев не го прифаќа принципот на измени во Изборниот законик тој кој што ќе биде кандидат за мандатар на новата Влада, да не биде и кандидат за пратеник? Затоа што, тој што ќе победи ќе формира Влада, а оној кој што ќе изгуби нема да може да се крие зад пратеничкиот имунитет доколку носи било каква одговорност. Сметаме дека на овие прашања Заев треба да одговори, му остануваат уште триесет дена – порача Милошоски.
Тој смета дека следен чекор за Уставниот суд да избегне каква било политизација во поларизирана клима е, како што рече, да го искористи механизмот „amicus curiae“ или „пријателска препорака“, што постои при Венецијанската комисија, каде уставните судии имаат право да побараат пријателско мислење за одредена тема.
На прашањето зошто ја поддржале, ако не се согласуваат со предлог-одлуката на Комисијата, рече дека не сакале со ниту еден потег да дадат каков било изговор на Заев за да тврди дека за денес за граѓаните се побитни настаните од пред три, четири или десет години.
– Најдобро е на оние кои создаваат вештачка тема и вакви замки за залажување на граѓаните да им дозволите да се фатат во замката кои сами ја поставиле. Оваа вештачка тема за постоечки или непостоечки член 11 на некаква желба на видливи или скриени сили за нечие помилување и отворање на теми стари по три, пет или десет години беше темата која што Владата на помилуваниот премиер Заев ја отвори за да ја покрие својата неспособност надевајќи се дека ВМРО ќе влезе во некаква процедурална битка, некого или нешто да штити или Заев некого од нешто да брани – рече пратеникот Антонио Милошоски.