Граѓаните на Македонија кои примаат инсулин нема да останат ниту еден ден без потребната терапија, изјави денеска д-р Владимир Милошев, државен секретар во Министерството за здравство.
– Согласно постоечкиот договор за набавка на инсулин, двогодишниот договор август 2016 – август 2018, од сите типови на инсулин има доволни количини. Единствено претставува мал проблем „новорапидот“ кој го имаме само за уште месец и половина. Веќе бараме начин да извршиме интервентен увоз и дополнителна тендерска постапка за еден и пол месец за да стигнеме до август кога ќе го отвориме комплетниот пакет за јавна набавка за нов двогодишен договор за набавка на инсулин – рече Милошев.
Тој појасни дека редовната постапка ќе биде во август.
– Еден и пол месец е во прашање за да го пополниме тој вакуумски простор до распишување на целокупната постапка. Еден и пол месец е сосема доволен период за да се покријат потребите на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија кои примаат инсулин нема да останат ниту еден ден без потребните количини инсулин – порача државниот секретар во Министерството за здравство.
На новинарско прашање дека граѓаните во изминатиот период се жалеа на количините и на квалитетот на инсулинот, тој појасни дека веќе во собраниска процедура се измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства во кои се предвидени дополнителни критериуми за заострување на сето она што значи квалитет во обезбедување на паралелниот увоз на лекови. Овде е вклучен и инсулинот. Изрази надеж дека до крајот на овој месец законот ќе биде поддржан во Собранието на Република Македонија, а по објавување во „Службен весник“ ќе стапи на сила.
– Сето она што ќе значи паралелен увоз ќе гарантира квалитет на лековите кои ќе бидат предмет на овој увоз – рече Милошев.