Жалам што сите обвинети не се денеска тука, јас по 16 месеци во притвор дојдов со желба да докажам дека сум невин и дека немам допирни точки со обвинителниот акт, рече Миле Јанакиески, обвинет во предметот за организирање на 27. април.
– Дадов исказ на 50 страници, а обвинителството покрена обвинение во рок од 48 часа. Ќе го цитирам поранешниот претседател Барак Обама: „Ако чекориш по патот на правдата, ќе дојдеш до правната цел“ – рече Јанакиески и го повика судот да зачекорат по праведниот пат во текот на судскиот процес за да дојдат до вистината.
Тој рече дека не го познава, ниту било кога комуницирал со Александар Василевски Нинџа.
– Ќе докажеме дека не е точно дека тој не видел на 8. кат во седиштето на ВМРО ДПМНЕ. Неговата изјава е лажна. Ќе докажеме дека никогаш во животот го немам видено Никола Бошковски, никогаш не сум учествувал на состанок на кој се правел план против мирно предавање на власта – додаде Јанакиески кој тврди дека во периодот за кој го товари обвинителството за кривично дело бил само обичен член на ВМРО ДПМНЕ и не учествувал во каков било состанок за планиран насилен упад во Собранието.
– Преку распит на партиски членови, преку документација од базни станици, преку голем број сведоци ќе докажам дека не сум учествувал на критичниот ден во мобилизација на членството, ниту во организирање на превоз или какво било организација на настаните од 27 април, додаде Јанакиески. Тој го повика јавниот обвинител Љубомир Јовески да ја погледне неговата изјава и да отвори нова истрага за да се дознае вистината за настаните за 27 април зошто сегашните и идните генерации мора да ја знаат – додаде Јанакиески.
Јакиески рече дека преку распит на експретседателот на државата Ѓорѓе Иванов ќе се расветлат многу околности што се дел од обвинението.