Миле и Спире во челустите на животот

Високо ризичните политички затвореници – какви што се притворените министри, шефови на полициски и тајни служби или, можеби, дури и еден бивш претседател на Собрание – не се обични затвореници.

3032

Уште еден ден со нови правно-политички перипетии и непријатности: ги тепале или не; самите провоцирале или не; има повреди или не…? И така натаму.

Нормално, веднаш следуваа хистерични реакции, дури и во етаблирани медиуми, а Мицкоски, во улога на распаметена холивудска домаќинка, меѓу другото, го изјави дури и ова: „Рацете на Зоран Заев се крвави и не постои вода којашто ќе може да ги испере!“

Брееееј… Лидерот на опозицијата станува македонска телевизиска драма-квин која мора во најскоро време да превземе нешто во врска со своите неодмерени реакции, бидејќи македонскиот речник нема толку ескалирана синтакса колку што му е нему потребна за да дојде на власт по пат на вербален државен удар. Особено што на Заев, реално, добро му ја раскрвавија главата истите оние другарчиња на Мицкоски кои сега се сомничат дека стојат како инспиратори, организатори и финансиери на обидот за државен удар на 27 април. Освен ако Мицкоски не мислел на сопствената крв на Заев со која си ги „искрварил рацете“, за кои нема вода што може да ги измие?

Високо ризичните политички затвореници – какви што се притворените министри, шефови на полициски и тајни служби или, можеби, дури и еден бивш претседател на Собрание – не се обични затвореници. Затворските управи тоа би морале да го знаат. Секоја непријатност – а не, пак, случај на нивна физичка загроза! – што може да им се случи на овие лица додека се на престој во казнено-поправните установи е одговорност на службените лица во затворите, од директорите, па надолу. Ако тие службеници не се способни да ги направат безбедносните и оперативните проценки за ризикот на кој се изложени секој од нивните затворски штитеници, треба веднаш да бидат сменети од своите функции. Тука нема многу простор за дебата.

Овие прашања не може да се расчистуваат на Фејсбук. Таму и самите знаете како е: бандите за линч се секогаш подготвени за инстант карактерни и политички атентати. Отсекогаш не сум можел да се доизначудам од фактот што и сериозни и одговорни луѓе (меѓу кои и бројни новинари и новинарки) со часови седат по социјалните мрежи (од каде им е, само, тоа слободно време!?) и, често анонимно, дотураат масло на секаква тема што може да им падне на памет, од третманот на скопските џукели и оние кои се гризнати од нив, до тепачките по затворите! Една десетина од таа енергија потрошена на хејтање и тролање, кога би се насочила на поголема општествена љубезност, би го решила проблемот на распадот на нормалната, социјална комуникација во македонското современо општество.

Закочете малку, видете каде ви се и што ви прават децата, родителите, партнерите или пријателите, на пример, вон виртуелниот свет во кој висите со часови… Еве, дојдете во Дебар Маало, ќе испиеме по една ракија, заедно ќе си поплачеме и ќе се посмееме, подобро е отколку очите да ви истечат на Фејсбук.

Но, факт е дека комуникациската природа на социјалните медиуми врши жесток притисок врз надлежните извори на информации да си го прилагодат комодитетот на работа од 8-16 часот. Многу од непотребната возбуда и околу ова најново, затворско продолжение на македонската турска серија со воспоставувањето на правната држава ќе беше приштедена доколку надлежните затворски инстанци, со брза и официјална информација, ги ограничеа фејсбук-шпекулациите за тоа што, всушност, се случило во дворот на затворот во Шутка.

Според тоа, намалете емоции, де-ескалирајте го речникот, правдата, ако се докаже и испорача, и во овој случај е на добар пат: се затвора кругот околу нарачателите и врвните организатори на настаните од 27 април 2017 година. Ќе има судење, па ќе дознаеме дали и кој што правел таа, за малку, кобна вечер за македонската држава и демократија.

Ќе има време, потоа, да се прогласуваат маченици или злосторници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...