Миленковиќ ќе си замине од Охрид со бисерни манжетни од Филеви

783

Охрид е прекрасен. Не сум знаел дека е толку уникатен и единствен, едноставно сум одушевен, рече познатиот виртуоз на виолина Стефан Миленковиќ од Србија при неговата прошетка низ градот со професионален туристички водич.

Тој и неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ, со кого вечерва ќе имаат концерт во црквата „Света Софија“, беа воодушевени од културно-историското богатство во стариот дел на градот, соопшти Дирекцијата на „Охридско лето“.

– Многупати сум бил во Охрид, сум настапувал на концерти, но никогаш не сум имал можност да прошетам и да ги слушнам овие факти за 365-те цркви, за првиот карантин во Европа, за најстариот музеј и универзитет пред Болоња, за светите Климент и Наум. Среќен сум што имав ваква прилика овозможена од фестивалот „Охридско лето“ – рече Миленковиќ.

Пијанистот Милошевиќ додаде дека и тој бил во Охрид, но никогаш не прошетал со професионален туристички водич.

– Ова е прекрасна можност да се запознае културата, традицијата и историјата на овој толку посебен, прекрасен град. Пресреќен сум што имав ваква можност – рече Милошевиќ.

Со голем интерес двајцата врвни музичари ја слушнаа и вековната приказна за охридските бисери од семејството Филеви. Михајло Филев како добар домаќин им подари бисерни манжетни за спомен од Охрид.

– Одушевен сум од охридските бисери и начинот на нивното производство. Многу сум благодарен за овој подарок и секаде ќе раскажувам за гостопримството во Охрид – рече Миленковиќ.

Фестивалот „Охридско лето“ оваа година првпат воведе туристички водич за уметниците. Целта е врвните светски музичари и актери да ја слушнат приказната за древниот Охрид и да понесат и споделат незаборавни спомени.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...