Со оглед на бројот на пратеници што ЛДП го има во македонскиот парламент, ние можеме само да иницираме постапки за промени на изборниот модел, изјави денеска претседателот на ЛДП, Горан Милевски при престојот во Битола.
Првиот човек на ЛДП посочи дека анализираат за промени и во начинот на учество во процесот на гласање и гласање на македонските иселеници во дијаспората.
– Ние во ЛДП анализираме како да се заштедат средства при гласањето на дијаспората и нашиот предлог е доколку не се пријават 50.000 иселеници за да гласаат на изборите, тогаш гласањето во дијаспората воопшто да не се реализира бидејќи познато е дека трошиме милиони евра за гласање на дијаспората, а таму одзивот е многу мал и не можат да изберат пратеник од дијаспората. Ние не сакаме да се укине правото на дијаспората да гласа, но доколку се постигне одреден цензус на пријавени за гласање, тогаш тоа да се реализира. Сметаме дека е нелогично да испраќаме лица за следење на процесот на гласање и гласачките кутии во Кина, Америка, Австралија…, а притоа да не се изберат пратеници од тие места. Ние апелираме и ќе вршиме притисок преку јавноста за промена на изборниот модел, односно избори во една изборна единица и начин на гласање на дијаспората – изјави Милевски.
ЛДП, како што вели, како дел од владејачката коалиција, се подготвени и согласно изборната програма за избори во една изборна единица и отворени листи.
– Знаеме дека е потребен консензус од сите политички партии, а според моите информации ВМРО ДПМНЕ сеуште немаат одговор за тоа дали прифаќаат една изборна единица. Доколку прифатат, во владејачкото мнозинство има расположение и време за промени на изборниот модел. Ние сме подготвени да прифатиме промените на изборниот модел да важат и од следните парламентарни избори, односно по предвремените парламентарни избори што ќе се одржат во април 2020 година – посочи Милевски.