Мила Царовска: Ако треба ќе одам во Тимјаник уште 200 пати

За да нема повеќе вакви реакции во ниту една општина кадешто треба да се направат мали групни домови во кои ќе бидат згрижени деца кои досега беа институционално згрижени, потребна е едукација на населението

502

По вчерашната средба со жителите на селото Тимјаник кои протестираа против тоа во нивното село да се направи мал групен дом во кој треба да се сместат три деца со посебни потреби, министерката за труд и социјала Мила Царовска на заедничкиот брифинг со претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, порача дека ќе биде упорна за да ја добие согласноста на селаните.

„Ако треба ќе одам уште 200 пати во Тимјаник за да им објаснам на селаните дека основањето на мал групен дом во кој ќе бидат сместени 3 деца со посебни потреби, е добро за целата општина, и се надевам дека на крајот ќе ја добијам нивната согласност. За да нема повеќе вакви реакции, потребна е едукација на населението“, рече Царовска.

Според министерката, оваа средба со жителите од Тимјаник била јавна за да можат сите да видат и за да не излезе потоа дека никој не ги прашал жителите дали во нивната општина може да се основа таква установа. Што се однесува до великодушните понуди на другите општини, таа изјави дека им е благодарна но дека овој дом е предвиден во Тимјаник, но дека нема да бидат заобиколени ни другите општини, односно, планот е вакви мали групни домови да има во секоја општина во Македонија за да може да се спроведе планот за деинституционализација.

Царовска порача дека за надминување на вакви ситуации не се доволни само кампањи и дејствувања на граѓански организации, туку е неопходно интервенирање преку образовниот процес, уште од најраната предшколска возраст.

За претставникот на УНИЦЕФ, реакцијата на жителите од Тимјаник е очекувана и типична за случај кога се спроведува трансформација и дека и тие во Велика Британија поминувале низ вакви трансформации пред 20-тина години.

Според него, за да не се повторуваат вакви ситуации, важно е населението да биде сослушано од локалните заедници и да се земат предвид неговите укажувања и проблеми, но треба и да му се објасни за што точно станува збор.

Освен на отворање мали групни домови, Министерството за труд фокусот го става и на згрижувачките семејства како еден од најдобрите облици на прифаќање деца без родители или деца со посебни потреби.

„Гледам дека кога станува збор за вдомување и згрижување на миленичиња, некако брзо одат работите, додека кога станува збор за деца, одѕивот е многу помал. Немам ништо против милениците, и самата ги имам, но мора да се поработи на ова поле. Овој тип алтернативна форма на згрижување деца нуди најтопла атмосфера, најслична на онаа во нормалните семејства. Многу е важно да ги поттикнеме граѓаните што ги изгледале своите деца, а имаат уште желба и сакаат да споделат љубов, тоа да го сторат“, рече Царовска.

Таа кажа дека со оглед на тоа што има многу заинтересирани двојки за посвојување кои чекаат со години тоа да се реализира, би било добро кога би успеале да придобијат барем дел од нив да станат згрижувачи.

„Има многу подобни посвоители кои можат да станат згрижувачи, а во тој случај не мора ниту да се двојки што е инаку услов кога станува збор за посвојување“, рече министерката.

Инаку, за само две недели, откако почна кампањата на Министерството за труд и УНИЦЕФ, 75 лица пројавиле интерес за згрижување деца. Досега, 91 лице се сместени во мали групни домови, а еден мал групен дом има капацитет за максимум седум деца или лица. Како што рече Царовска, во 2000 година кога почнаа реформите на ова поле, во институциите имало 700 деца, а денес оваа бројка е сведена на 200 од кои половина се со попреченост во развојот.

Министерката најави дека до крајот на годинава најмалку пет деца треба да излезат од Домот во Демир Капија каде се сместени околу 200 лица, а од Домот „25 Мај“ сите 25 ќе излезат наеднаш до крајот на овој месец.

Вакви групни домови веќе функционираат во неколку општини, меѓу кои во Неготино, Кавадарци, Берово.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...