Прекопуваш по меморијата соочен со обврската која на ближен му припаѓа – да го памети, да го помни лицето кое си оди. Ужасната приграба се да се запомни од моментите на еден живот кој згаснал неповратно и споделување во кое и ти си учествувал. Како вели Свети Августин: Постојам само додека другиот ме сонува!
Тоа ми се превртува во мислите додека професорот Милан Недков замина од овој свет!
Го зборувам ова од неопходност за мене и од восхит кон личноста на човекот кој заминува.
Го зборувам ова и од напливот на емоции предизвикани со неговата смрт и прекинот на нашата пријателска размена!
Да се биде близок со некого значи да се биде во етичка ситуација – на одговорност и слобода – да се потисне растојанието и да се споделува!
Моралниот интегритет на Милан Недков, неговата тивка силовитост, прекост на моменти, беше во добра вера за мене и пријателите кои растеа во негова закрила. Тој ни овозможи на цела генерација помлади асистенти закрила и размена за идеите на слободата и демократијата во услови кога редици партиски апартачици крстареа по факултетот спроведувајќи дисциплина и дијамат. Беше спротивност на академизмот базиран на етропија, покорување и корупција.
Тој ни овозможи, така да се каже, услови на аристотеловско пријателство – да ги следиме заедничките проекти за слобода и либералните идеали под услови на добра волја и соработка. Некаква заштита чуствувавме, можеби неосновано бидејки тој себе и фамилијата не можеше да се до-заштити во условите на прогонот на либералите на кои припаѓаше во 70-те, но така некоја заштита чувствувавме која произлегуваше од смиреноста и интегритетот со кој ги соочуваше премрежијата во животот и работата – исправен и прч!
Не можев во детали да ја следам траекторијата на животниот пат на Недков, за која не зборуваше често, но бев соочен со недвосмислениот резултат на таа животна и идејна борба – зачувување на достоинството и моралниот интегритет што импресионираше.
Институционалната меморија на Уставниот суд и Правниот факултет (ако има таква на рабовите на цивилизацијата на кои живееме) паметат некаде таму каква позиција имаа тие институции на чело со Милан Недков како претседател или само професор. Помнам дека многу посилни и поавторитетни извршни власти со, Глигоров на чело на пример, не можеа да замислат ниту да се осмелат да вршат каков било притисок на работата на Уставниот суд кога го предводеше Миле Недков. Тоа беа времиња на големите кораби во институциите кои се понадевавме дека ќе успеат да ја засноваат нашата демократија на либерални основи – но работите отидоа по други патишта потоа.
Таквата верба во идеите и интегритетот ме импресионираа кај мојот повозрасен пријател и оставија несомнен траг. Пиејќи кафе со него по кафеата низ Скопје, муабетејќи, гледајќи го отстрана човекот кој си оди, кој станува малку позабавен во движењата, поотсутен во погледот, те снеможува и истовремено ти дава сила можноста која неговото постоење ја потврдува – да се биде слободен и да се делува во добра вера!
Таков остана Милан Недков до својот крај на овој свет. Нека му е вечна слава!